Уапсен главниот политички ривал на Ердоган

Се засилува прогонот против популарниот градоначалник на Истанбул со цел да биде елиминиран од претседателските избори. Новото обвинение за Екрем Имамоглу дека поддржувал терористичка група е досега најсериозното. Пред два дена му беше поништена и дипломата, за да не може да се кандидира во 2028 година. Не може ни Ердоган, освен ако не го заобиколи Уставот.

Уапсен е градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, врз основа на обвиненија за мито, местење тендери и помагање терористичка група. Имамоглу е најсериозниот политички противник на претседателот Реџеп Таип Ердоган и веројатен противкандидат на идните избори.

Опозициската Републиканска народна партија (ЏХП) на Имамоглу го оцени апсењето како „државен удар против идниот претседател на Турција“.

Нема да се предадам, порача Имамоглу во видео-порака на Икс.

Градоначалникот е приведен само неколку дена откако републиканците најавија дека ќе го кандидираат за претседател. Лидерот на ЏХП, Озгур Озел, најави дека Имамоглу ќе биде избран за кандидат, без оглед што е во притвор.

Следните избори се во 2028 година и Ердоган нема право да се кандидира за трет мандат, освен ако не го смени или не го заобиколи Уставот. За да го смени, потребно му е двотретинско мнозинство во парламентот, кое неговата Партија за правда и развој го нема. Се разгледува сценариото Ердоган да свика вонредни претседателски избори и да се кандидира со образложените дека не го отслужил целосно вториот мандат.

Имамоглу е единствениот турски политичар што ја победил владејачката АКП во изминатите две децении, и тоа два пати. Првиот пат на изборите за градоначалник на Истанбул во 2019 година (по прегласување, откако суд му ја поништи првичната победа). Вториот пат во 2024 година, кога беше реизбран иако зад себе ја немаше поддршката од здружената опозиција.

Тој постојано е цел на обвиненија, за кои опозицијата тврди дека се политички мотивирани. Во 2022 година беше осуден на две и пол години затвор поради навреда на јавни функционери, но пресудата е обжалена на апелациски суд. Лани беше обвинет и за местење тендер.

Како политички притисок врз него се смета и одлуката на Универзитетот на Истанбул да му ја поништи дипломата. Ако судовите ја потврдат одлуката, Имамоглу нема да може да се кандидира на претседателските избори во 2028 година.

19 март 2025 - 08:16