Кога неговиот предизборен конвој беше во Минден, Невада, Трамп предвиде дека ќе добие реизбор на национално ниво и дека овојпат ќе ја освои Невада која за малку ја изгуби во 2016-та година.
„После тоа“, рече Трамп „ќе преговараме“ објаснувајќи дека има право да бара уште 4 години. Изјавата не е гаф или случајност бидејќи слична желба навести и во август кога беше во Висконсин каде рече дека има право на трет бонус бидејќи „му ја шпионирале кампањата“, алудирајќи на недокажаната Обамагејт теорија.
Неговиот поранешен адвокат, Мајкл Коен, кој од човек од доверба (види за разговорите со првиот човек на CNN) се претвори во негов гласен непријател, вели дека ваквите изјави на Трамп не треба да се препишуваат на шала бидејќи човекот сериозно смета на тоа дека има право да биде „владетел“ или „диктатор“. Според Коен, тој посакува модел на владеење во кој ужива кинескиот претседател или пак првиот човек на Северна Кореја.
Ограничувањето на максимум два мандата во САД е донесено во 1951 година, откако Франклин Рузвелт, успеа да истера 4 мандати. За да го смени тоа решение, на Трамп би му биле потребни две третини во двата претставнички дома, што е апсолутно нереално во длабоката двопартитна поделеност на земјата.
На национално ниво, Бајден моментално го води Трамп со сериозни 7,5% разлика.