Трамп предвидува: Биби може да се повлече од политичкиот живот

Трамп го продлабочи раздорот со Нетанјаху со неочекувана  изјава дека израелскиот премиер можеби нема да се кандидира за реизбор, па дури и ќе се повлече од политичкиот живот. Ставот на Трамп се поклопува со новите анкети: Мнозинството Израелци не сакаат Биби да се кандидира за вонредните избори кои ќе се одржат до крајот на октомври.

Не знам дали Биби воопшто сака да продолжи. Не знам, имаше извонредна кариера. Дали сака да продолжи? Затоа што тој е премиер во време на војна. Ние многу скоро ќе победиме во војната на еден или друг начин и знаете, тој е воен премиер, му изјавил Трамп на репортерот на АБЦ, Џонатан Карл.

Неодамна почнаа да се појавуваат првите пукнатини во гранитното партнерство што ја почна војната во Иран. Трамп упорно тврди дека тој е главниот и дека тој го има завршниот збор, но Нетанјаху со своите акции го докажува спротивното. Иако Трамп побара Израел да се воздржи од напади врз Бејрут за да не ги загрози шансите за дијалог со Техеран, Израел го бомбардираше Бејрут. Секогаш кога Трамп ќе изрази надеж за скоро решавање на војната по дипломатски пат, Израел ги засилува нападите врз јужен Либан. 

Претстојните избори се едни од најтешките за Бенјамин Нетанјаху, кој речиси непрекинато е на власт од 2009 година и е најдолгогодишен премиер во историјата на Израел. 

Нетанјаху веќе ја почна предизборната кампања, иако датумот на изборите се уште не е закажан. Владејачката партија Ликуд денеска официјално го потврди Нетанјаху за кандидат, бидејќи никој не му се спротивставил на внатрешните партиски избори. 

Мнозинството Израелци му даваат безрезервна поддршка за неговите војни против Хамас, Хезболах и Иран, но многумина го сметаат за главен виновник за стратешките неуспеси што му претходеа на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Го обвинуваат и за политика на раздор, корупција и поткопување на демократските институции.

Нова анкета објавена вчера од Израелскиот институт за демократија покажа дека 61% од Израелците вкупно и 57% од Евреите не мислат дека Нетанјаху треба да се кандидира.

Разложено по партиски афинитет на гласачите, против неговата кандидатура се дури 64% од умерените десничари, 83% од умерените левичари и 97% од екстремните, како и 83% од израелските Арапи.
Речиси сите анкети на јавното мислење постојано покажуваат дека блокот на десничарски и религиозни партии што го поддржуваат Нетанјаху нема да успее да освои мнозинство во Кнесетот. Се предвидува тесно мнозинство за блокот од ционистички партии што му се спротивставуваат.

Затоа изјавата на Трамп се толкува и како обид да се дистанцира од Нетанјаху, затоа што и тој самиот е соочен со растечко незадоволство на Американците за војната во Иран во критичен момент кога се води кампања за изборите за Конгресот во ноември.

10 јуни 2026 - 12:49