Трамп повеќе не ја контролира војната против Иран

Поддржувачите на Доналд Трамп се загрижени дека тој повеќе нема контрола врз војната што му ја објави на Иран. Единственото сценарио што би му овозможило да прогласи „победа“ е и најризичното – да нареди ограничена копнена инвазија врз Иран за да може да го контролира бродскиот сообраќај и извозот на нафта преку Ормускиот Проток.

Кога американските сили на 28 февруари ги испукаа првите проектили кон Иран, оние што го поддржуваа Трамп се надеваа дека тоа ќе биде брза и хируршка операција, слична на ланскиот напад врз нуклеарните постројки или на грабнувањето на венецуелскиот диктатор Николас Мадуро.

Привршува третата недела од војната, а Трамп се чини дека не знае ни како да ја запре ни кога ќе заврши. Нападите на Иран врз танкерите за нафта во Ормускиот Теснец ги потресоа глобалните пазари и се закануваат со поширока економска криза. Тоа го доведе Трамп во ситуација да мора да го ескалира конфликтот за да може да прогласи победа. Малку е веројатно дека може да овозможи безбеден проток на нафта низ Ормускиот Проток без да испрати трупи на иранска територија.

Иранците ги држат картите во свои раце. Тие одлучуваат колку долго ќе бидеме вклучени и дали ќе испратиме војници на терен. И не гледам друг начин да се заобиколи тоа ако сакаме да го зачуваме угледот, изјави за Политико анонимен извор од Белата куќа.

Администрацијата на Трамп настојува да ги убеди граѓаните дека војната „оди според планот“ и дека е „огромен успех“, бидејќи Иранците за 90% ги намалиле нападите со проектили и за 95% со беспилотни летала.

Претседателот знаеше дека Иран ќе се обиде да го спречи слободниот проток на енергија и презеде мерки за уништување на над 30 бродови за поставување мини. Сите прекини во енергијата се привремени и на долг рок ќе има огромна корист за нашата земја и за глобалната економија, изјави портпаролката на Белата куќа, Ана Кели.

Но, загриженост од можно проширување на конфликтот предизвика веста дека амфибискиот јуришен брод „Триполи“ со околу 2.000 маринци и авиони е испратен на ударно растојание од Иран. Овие сили имаат капацитет за заштита на бродски линии, заземање пристаништа и ограничени операции на копно.

Алтернативите на претседателот се стеснуваат. Стратегот Џек Пособјек, кој му е лојален на Трамп, наведе низа начини на кои САД сè уште би можеле да го зголемат притисокот врз Иран без копнена инвазија - со запирање на танкери за нафта, кибернетски напади, блокирање на финансиски средства и потпирање на израелската морнарица. 

Некои луѓе длабоко и сериозно агитираат претседателот да испрати војници на терен затоа што откако ќе го стори тоа конфликтот ќе експлодира во целосна војна, предупредува Пособјек.

Изворот од Белата куќа тврди дека Трамп е против испраќањето копнени трупи, бидејќи тоа би му го спуштило рејтингот на ниво на 25%, колку што имаше Ричард Никсон пред да поднесе оставка поради скандалот Вотергејт. Рејтингот на Трамп кога го почна вториот мандат беше 50%, а сега е паднат на околу 40%.

Тој ја има видено таа приказна знае како тоа ќе се одрази политички, вели функционерот.

18 март 2026 - 12:53