Драмата е што уште еден судија именуван од Трамп ќе го забетонира конзервативното мнозинство во американскиот Врховен суд уште долги години ако не и децении, а Врховниот суд е институцијата која го одредува правецот во кој се движи САД на долг рок, со право да го има крајниот збор на секоја можна тема во земјата (список на 45 најголеми случаи решени од Врховниот Суд на САД).
Имајќи го сето ова предвид Трамп во понеделникот најави дека во петок или сабота ќе го објави својот кандидат за Врховниот суд, веднаш по погребот на Гинсбург која почина минатиот петок.
„Мислам дека ќе биде во петок или сабота и сакам да оддадам почит. Колку што знам службата ќе биде во четврток или петок, и мислам дека треба со сета должна почит кон судијката Гинсбург, да почекаме службата да заврши,“ изјавил Трамп.
Доколку Трамп успее да го истурка ова и да стави свој кандидат, соодносот во Врховниот суд ќе биде 6-3 во корист за конзервативните судии.
Трамп вети дека замената на Гинсбург повторно ќе биде жена, па за сега најголеми шанси им се даваат на судијките Ејми Кони Барет од Индијана и Барабара Лагоа од Флорида. Наводно Трамп повеќе е наклонет кон првата.
Во исто време демократите и анкетите за јавно мислење сериозно се за тоа дека замената на Гинсбург треба да биде избрана од победникот на претседателските избори. Посебно што изборите се за - 43 дена.
Кога во 2016 Обама на 8 месеци пред изборите требаше да назначи заменик на ненадејно починатиот врховен судија Антонин Скалиа, тогашниот лидер на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел, одби да закаже сослушување за кандидатот на Обама, инсистирајќи дека Врховниот суд треба да биде пополнет од кандидат предложен од следниот претседател на САД.
Бидејќи демократите не се ни надеваат дека Трамп за момент ќе скршне од намерата, тие спасот го гледаат во тоа дека некои од републиканците ќе одбијат на гласањето да го поддржат кандидатот на Трамп. За сега само две сенаторки го направија ова со што предноста на републиканците падна на 51-49. Им фалат уште двајца за да го соборат кандидатот.
Демократите потсетуваат и дека последната желба на Гинсбург пред смртта била Сенатот до следната година да не избира нејзина замена. Според верзијата објавена на Ен-пи-ар, Гинсбург пред умирање и го соопштила ова на својата внука.
Коментарот на Трамп за ова е дека „без докази не верува“ во приказната.
„Некако целата работа многу им се погоди,“ изјавил Трамп.