Трамп, лаги и кој каква жена има

Да почнеме со златокосиот: Трамп ја избегна дебатата за климатските промени на Г7 со најглупото можно алиби. А околу жените се зарчкаа Болсонаро и Макрон, поточно овој првиот.

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека ја пропуштил дебатата за климата на Г7 заради претходно договорени обврски со лидерите на Германија и Индија. Белата куќа соопшти дека заради тие обврски, на разговорите биле пратени други високи претставници на американската политика. Единствен мал проблем во тоа алиби е што лидерите на наведените земји беа присутни на дебатата која Трамп ја пропуштил заради нив. И Меркел и индискиот премиер Нарендра Моди кој дури и твиташе од разговорите.

Макрон ја избутка идејата ко-спонзорирана од претседателот на Чиле да се обезбедат 20 милиони евра помош за Бразил и справувањето со пожарите но Болсонаро ја одби помошта велејќи дека тие земји не го почитуваат суверенитетот на неговата земја и ја третираат како колонија или ничија земја. 

А личната нетрпеливост со Макрон дојде до нови нивоа откако на две постирани фотографии на претседателите на Франција и Бразил со нивните сопруги, фан на бразилскиот лидер напиша „Сега јасно ви е зошто Макрон не го сака Болсонаро?“ а овој не додржал па напишал „Не го заебавајте човекот, хаха.“


Макрон одговори дека се надева декс Бразил наскоро ќе има претседател кој е дорасната на функцијата да го води тој народ.

На таа тема, Болсонаро е тежок цреп. На една конгресменка ѝ има кажано дека ја нема силувано затоа што таа тоа не го заслужува а на прашање за неговите деца (има 4 сина и една ќерка), објасни дека четири пати бил силен ама петтиот пат потклекнал и испаднало женско.

А оние 20 милиони евра помош навистина се ситна боранија за масивноста на проблемот и ја маскираат комплексната одговорност на големите земји за состојбата на планетата.

„Понудата од 20 милиони евра е безначаен бакшиш, особено во врска со кризата во Амазон која е директно поврзана со претераното консумирање месо и млечни производи во богатите земји од Г7,“ изјави првиот човек на Гринпис кој се занимава со заштита на шумите. 

27 август 2019 - 12:34