Трамп ја ограби Венецуела, сега очекуваат да ја спасува

Kатастрофалните земјотреси во Венецуела се тежок предизвик за Трамп, кој вети дека ќе ја поддржува латиноамериканската земја. Итно испрати војници на помош и издвои 300 милиони долари, но Венецуелците очекуваат многу повеќе од човекот кој им го грабна претседателот, им ја заплени нафтата и им замрзна десетици милијарди долари. 

Интервенцијата на Трамп во Венецуела почна со спектакуларен напад со хеликоптери. Половина година потоа, по најголемата природна катастрофа во историјата на земјата, очајната нација сега го повикува Трамп на одговорност и бара да ѝ помогне. 

По дрската акција во јануари во која американски специјалци го грабнаа претседателот Николас Мадуро од неговата резиденција во Каракас, Доналд Трамп му изрази поддршка на новото раководство и фалбаџиски најави дека лично ќе управува со Венецуела, која ја опиша како нов американски сојузник.

Со тоа, самиот презеде одговорност за помош на земјата која неодамна ја погодија два катастрофални земјотреси еден по друг. Загинаа повеќе од 2.000 луѓе, а уште десетици илјади се исчезнати. Многу повеќе останаа без домови и зависат од помош од храна. Првичните проценки за трошоците за реконструкција се колку годишниот БДП на земјата.

Вашингтон навистина итно реагираше. Државниот секретар Марко Рубио вети сеопфатна помош од 300 милиони долари, а Пентагон испрати 900 војници за да помогнат при спасувачките операции, доставувањето помош и расчистувањето на урнатините. Жители на некои разурнати населби близу епицентарот јавија дека американските војници стигнале да помогнат пред владините трупи. САД објавија и многу попрецизни проценки за штетите и очекуваниот број на жртви.

Раните знаци укажуваат дека Белата куќа сериозно ја сфаќа одговорноста и колку Венецуела е важна и чувствителна за администрацијата на Трамп. Вашингтон не може да си дозволи овој експеримент да тргне наопаку, особено поради настојувањата да обезбеди доминација на западната хемисфера, вели Хозе Енрике Ариоха, уредник на списанието Америкас Квотерли.

Но, критичари укажуваат дека Трамп може и треба да направи многу повеќе. По државниот удар во Каракас, неговата администрација преку нетранспарентен договор целосно ја презеде контролата врз трговијата со нафта во Венецуела, која ги има најголемите потврдени резерви во светот.

Во првите четири месеци од годинава, САД управуваа со продажба на венецуелска нафта во вредност од 8 милијарди долари. Функционер од Стејт департментот во април изјави пред Конгресот дека само околу 3 милијарди долари ѝ биле исплатени на Венецуела. Не се знае колку точно пари останале на американските и катарските банкарски сметки преку кои биле извршени трансакциите.

Поддршката од САД за Венецуела по земјотресите е капка во океан, кога ќе ги погледнете приходите од милијарди долари од продажба на нафта. Очекуваме да бидат ослободени повеќе пари од венецуелската нафта за да ѝ се помогне итно на земјата и за реконструкција во иднина, изјави Алекс Мејн, директор за меѓународна политика во Центарот за економски и политички истражувања во Вашингтон.

Според него, администрацијата на Трамп би можела да ги олесни санкциите наметнати против режимот на Мадуро поради сомневања за изборен фалсификат и кршење на човековите права.

Санкциите беа главен фактор за најголемата депресија во светот за земја што не е во војна, со пад на БДП од 75%. Повеќето од тие санкции се уште се на сила, што се манифестира врз спасувачките и хуманитарните напори. Придржувањето до санкциите го отежнуваат испраќањето помош и средства до теренот, додава Мејн.

Политиката на Трамп е загрозена и поради големото незадоволство на граѓаните од тоа како венецуелската влада реагираше на кризата. Претседателката Делси Родригез деновиве беше исвиркана при посетата на разурнати области. Министерот за внатрешни работи е обвинет за попречување на напорите за помош.

Трамп беше во позиција да ја поддржи опозициската лидерка во егзил Марија Корина Мачадо, која отворено му изрази лојалност, па дури и симболично му го предаде златниот нобелов медал за мир што го доби во декември, но тој сепак избра да соработува со Родригез. 

Режимот стана толку непопуларен што голем дел од венецуелската јавност бара од САД да преземат уште поголема контрола врз нивната земја, вели Ариоха

Тој посочува на неодамнешни анкети, на кои Трамп и Рубио имаат повисок рејтинг во Венецуела од домашните политичари.

2 јули 2026 - 14:03