Трамп ја обвинува Европа дека е „инкубатор“ за тероризам

Елиминирањето на нарко-картелите на западната хемисфера останува највисок приоритет на администрацијата на Трамп. Но, во новата антитерористичка стратегија на Белата куќа се критикува и Европа, затоа што политиката за отворени граници и неконтролираниот прием на мигранти ја претвориле во финансиски, логистички и центар за регрутирање терористи.

Пред неколку месеци Доналд Трамп во обновената Стратегија за национална безбедност ја предупреди Европа дека претераната имиграција може да ја збрише цивилизацијата на континентот. 

Во новата стратегија за антитероризам на Белата куќа забележува дека европските нации остануваат „најистакнати и долгорочни партнери за борба против тероризмот“ на САД и дека „светот е побезбеден кога Европа е силна“, но притоа предупредува дека Европа е „и инкубатор на терористички закани и потенцијална цел на терористи“.

Се предупредува дека злонамерни актери, како Ал Каеда, ИСИС и наркокартели, ги искористиле слабите граници и намалените ресурси на борбата против тероризмот на Европа за да ја претворат во попустлива оперативна средина за заговори против Европејците и Американците.

На сите им е јасно дека добро организираните непријателски групи ги искористуваат отворените граници и сродните глобалистички идеали. Колку повеќе растат овие туѓи култури и колку подолго траат сегашните европски политики, толку повеќе се гарантира тероризмот. Како родно место на западната култура и вредности, Европа мора да дејствува сега и да го запре своеволното опаѓање, пишува во документот.

Координаторот за борба против тероризмот, Себастијан Горка, најави средба со европските сојузниците на САД до крајот на оваа недела, за да се дискутира како можат да ги зајакнат своите стратегии за борба против тероризмот.

Неприфатливо е богатите сојузници на НАТО да служат како финансиски, логистички и центри за регрутирање за терористи... Како што претседателот јасно стави до знаење, ние ќе ја процениме вашата сериозност како партнер и сојузник според тоа колку придонесувате, истакна Горка.

Главен приоритет во антитерористичките напори на САД се наркокартелите во западната хемисфера. Пентагон во септември почна контроверзна кампања за разнесување на „бродови со дрога“ во Карибите и источниот Пацифик. Американските сили извршија повеќе од 50 напади и притоа убија близу 200 луѓе.

На глобален план, стратегијата се фокусира на искоренување на насилните левичарски екстремисти, вклучувајќи ги и радикално про-трансродовите групи, анархистите и антифашистите.

Приоритет на напорите на САД за борба против тероризмот ќе бидат брзата идентификација и неутрализација на насилните секуларни политички групи чија идеологија е антиамериканска, радикално протрансродова и анархистичка, се наведува во стратегијата.

7 мај 2026 - 07:54