Трамп го брише CO2 од црната листа

Агенцијата за заштита на природата официјално побара поништување на клучниот документ за стакленичките гасови од 2009 година, кој послужи да се воведат строги „зелени“ регулативи и да се оптоварат Американците со стотици милијарди долари годишно. ЕПА тврди дека намерно се манипулирало со научни студии за да се озлогласат фосилните горива и да се исфрлат од употреба.

До Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа е доставено барањето за поништување на „Наодот за загрозување“, во кој е дефинирано дека јаглеродниот диоксид, метанот и други гасови што се ослободуваат со согорување фосилни горива ги загрозуваат јавното здравје и благосостојбата. Конечната одлука не се очекува пред 2026 година.

Отфрлањето на наодот ќе биде најголемата акција за дерегулација во историјата на Америка. Некои луѓе се решени да ја банкротираат земјата во име на климатските промени. Тие го фабрикуваа овој Наод за загрозување за да можат под него да ги протнат сите регулации за возилата, авионите, генераторите... за многу сегменти од нашата економија. Тоа ја чинеше Америка многу пари, изјави директорот на ЕПА, Ли Зелдин.

Во 2007 година Врховниот суд пресуди дека ЕПА е должна да ги регулира емисиите на јаглерод диоксид и други стакленички гасови според Законот за чист воздух, насочен кон моторните возила, енергетските централи и други извори. Во 2009 година, за време на администрацијата на тогашниот претседател Барак Обама, ЕПА ги прогласи стакленички гасови во атмосферата за „опасност за луѓето“. Врз основа на наодите од документот, беа поставени најразлични стандарди, ограничувања и мерки за секакви извори на јаглеродни и други гасови, од термоцентрали до моторни пили и косилки.

Придржувањето до стандардите ги зголеми производствените трошоци и во многу случаи го намали квалитетот на изработка. Строгите ограничувања на издувните гасови од ауспусите се толкуваат како обид автомобилската индустрија да се пренасочи кон производство на електрични возила.

Климатската цел на ЕПА е намалување од 55% на емисиите на стакленички гасови во САД до 2030 година и нето-нула емисии до 2050 година. Низа нови истражувања покажуваат дека тоа е невозможна мисија со технологијата што е на располагање, бидејќи алтернативите извори на обновлива енергија не се ни приближно доволни целосно да ги заменат нафтата, јагленот и природниот гас. 

Новиот администратор на ЕПА предвидува укинување на вкупно 31 правило поврзано со чистиот воздух, чистата вода и климатските промени.

Моите претходници од администрациите на Обама и на Џо Бајден го превртеа законот и ја прилагодуваа науката за да постигнат посакувани резултати и така да ги оптоварат американските семејства со стотици милијарди долари скриени во даноци секоја година, изјави Зелдин.

Поранешни шефови на ЕПА и низа еколошки групи предупредија дека напуштањето на мерките ќе ги загрози здравјето и животите на милиони Американци.

Додека Американците се мачат од смртоносни поплави и топлотни бранови, администрацијата на Трамп тврди дека не се закана емисиите што ги предизвикуваат овие невремиња, изјави Кристи Голдфус од Советот за одбрана на природните ресурси.

******

Види и: Чистењето на CO2 од воздухот нема никаков ефект врз климата

30 јули 2025 - 15:16