Трамп ги укинува „Гласот на Америка“ и уште седум агенции

Американското радио што своевремено контрираше на нацистичката и на комунистичката пропаганда низ светот, од неделата емитува само музика. Канцелариите се заклучени. Трамп нареди дека Америка повеќе не може да си дозволи сервис што троши 267 милиони државни долари за да шири „радикална левичарска пропаганда“.

Претседателот Доналд Трамп нареди затворање на медиумскиот сервис „Гласот на Америка“ и на уште седум федерални агенции.

Речиси сите 1.300 вработени во на „Гласот на Америка“ (ВОА) во саботата добиле електронска пошта дека се на „платено административно отсуство“ и дека „им се забранува пристапот во канцелариите и во внатрешните системи додека не бидат известени поинаку“.

Кратењето на овие владини сектори ќе заштеди пари, ќе спречи непотребни трошоци и ќе ги зацврсти владините приоритети - зголемување на ефикасноста, намалување на штетата и промовирање на иновациите, се објаснува во наредбата.

Шефот на Агенцијата за глобални медиуми (задолжена за сервисите „Гласот на Америка“, „Радио Слободна Европа / Радио Либерти“ и на „Радио Слободна Азија“) во рок од седум дена треба да испрати отчет дека „ги елиминирал функциите и персоналот до максималното ниво дозволено со законот“. 

Поголемиот дел од содржините на радиото се произведуваат во Вашингтон и се емитуваат до партнерски мрежи. Радијата, телевизиите и порталите поврзани со „Гласот на Америка“ низ светот ќе може да емитуваат програма, но без содржини и финансии од Вашингтон.

„Гласот на Америка“ почна да емитува програма во 1942 година, како дел од кампањата на Вашингтон да возврати на глобалната нацистичка пропаганда за време на Втората светска војна. За време на Студената војна медиумскиот сервис ја промени мисијата во кампања против комунизмот и за поттикнување слободи. До затворањето, тоа емитуваше програма на 48 јазици, вклучувајќи и на македонски, и беше достапно до стотици милиони слушатели и гледачи, дури и во земји со строги медиумски контроли како Кина и Иран.

Сервисот декларира дека води независна уредувачка политика, без оглед чија администрација е на власт. За време на првиот мандат, Трамп ја критикуваше ВОА дека е насочена против него, а пред да го почне вториот мандат ја обвини дека шири „радикална пропаганда“.

Со извршната наредба Трамп ги укинува и Меѓународниот центар за стипендии „Вудро Вилсон“, Институтот за музеи, Библиотекарските служби, како и Агенцијата за спречување бездомништво во САД, Федералната служба за посредување и помирување (насочена кон спречување трудови конфликти и штрајкови), потоа Фондот за развој на заедници и Агенцијата за развој на бизниси на малцинските групи.

 

17 март 2025 - 08:38