МАГА СЕ РАСЦЕПИ:

Такер Карлсон објави манифест со визии за Америка

Поддржан од најистакнатите дисиденти од движењето МАГА, кои се спротивставуваат на политиките на Трамп, Такер Карлсон претстави манифест со визии на кој начин Америка навистина треба да стане велика. Не ги коментираше шпекулациите дека ќе формира „трета партија“ и дека ќе се кандидира за претседател на изборите во 2028 година.

Такер Карлсон овој викенд беше домаќин на јадрото на фракцијата во МАГА – поранешната конресменка Марџори Тејлор Грин, конгресменот Томас Маси и поранешниот директор на Националниот центар за антитероризам Џо Кент, кои тврдат дека Трамп ја напуштил агендата „Америка на прво место“ преку војната со Иран, лошото ракување со досиејата на Џефри Епстин и со тоа што дозволува претерано влијание на Израел врз политиката на Вашингтон. Гостите го повикаа Карлсон да се кандидира за претседател во 2028 година.

Наместо директно да одговори, поранешниот водител на Фокс њуз претстави манифест како „основа за што и да следи“.

Нашиот политички систем колабираше во парализа и пљачкање... Веќе подолго време е очигледно дека нашиот систем не функционира како што е замислено, бидејќи оние што го управуваат првенствено се грижат за сопствените интереси. Едно е да имате систем управуван од луѓе што се грижат за сопствените интереси, а не за вашите – тоа веќе сме го доживеале. Сосема друго е да имате систем што е целосно неспособен да одговори на реалноста. Тој е, всушност, парализиран. Токму ова денес ја мачи Америка, објасни Карлсон.

Својата визија како Америка треба да изгледа ја сумираше во 10 точки во манифестот:

Фер: Истите правила треба да важат за претседателите, федералните агенти и елитите како што е Џефри Епстин, чија неказнивост е симболична за „класата Епстин“, која се збогатува преку корумпиран систем;

Суверена: Израел ги турна САД во војната во Иран преку поткуп, закана или и двете заедно. Странското лобирање, корпоративната контрола врз владата и долгот со високи камати се форми на ропство;

Продуктивна: Америка треба да ги обнови земјоделството, производството и занаетчиството, и да ја отфрли економијата доминирана од финансии, шпекулации со недвижности, системи за надзор и оружје;

Убава: Урбанистите намерно ги оцрнуваат американските градови и ги прикажуваат бруталистичката архитектура, графитите, јавната употреба на дрога и насилниот криминал како напади врз јавноста;

Здрава: Прифаќање на агендата за храна на министерот Роберт Кенеди Јуниор и универзална трезвеност, спротивно на широката употреба на лекови кои оставиле Американците „полузбеснети“;

Искрена: Владини претставници треба да бидат казнети за лажење на граѓаните. Треба да се отворат повеќето класифицирани досиеја - вклучително и за атентатот врз Џон Кенеди и за 11 септември;

Оптимистичка: Децата се биолошки императив и основа на долгорочно размислување. Елитите што стареат без деца ги игнорираат идните генерации;

Мудра: Училиштата треба да предаваат како всушност функционира физичкиот свет и  непроменливи факти за човечката природа - вклучувајќи ги вродените разлики меѓу мажите и жените;

Пристојна: САД треба да се извинат и да платат отштета за убивање цивили и да престанат да финансираат сојузници кои вршат геноцид;

Обединета: Имиграцијата да запре сè додека ефектите од вештачката интелигенција не станат појасни, да бидат прекинати бенефициите за нелегалните имигранти. Англискиот да биде единствен јазик на федералните документи и гласачки ливчиња.

Ако сакате да ја обновите оваа земја и да ја претворите во место во кое вашите идни внуци ќе можат да напредуваат, ќе треба да направите нешто за важното прашање за американскиот идентитет: „Што значи да се биде Американец?“. Но, тоа може да се поправи, само треба да се обидете. И ние ќе се обидуваме. И ќе ве известуваме додека работиме на тоа, истакна Карлсон.

6 август 2026 - 08:35