Свињогејт

На сопственик на ресторан во провинцијата Хенан му пукнал филмот и пред соседите се пожалил дека градскиот секретар на комунистичката партија и остатокот од градските власти му се должни 115.000 долари за изедени свински нозе.

Човекот го испишал ова на два плакати, кои ги обесил пред својот ресторан во градот Ванглу. На нив пишувало:

"За три години Секретарот Хан Јунхонг има рабуш од 700.000 јуани." И " Секретару на Ванглу и градоначалнику, платете си ги своите долгови."

Проблемот бил инстантно решен од градските власти, кои до крајот на минатата недела биле во посета на ресторанот и го платиле својот долг.

Според математиката, за да ja направат оваа сметка функционерите дневно требало да јадат по 105 долари во свински нозе. Дел од објаснувањето за сумата е што ресторанот бил избран како официјален домаќин за инспекциите кои доаѓаат во регионот. Ова се средби во кои локалните власти имаат ретка шанса да се "изгребат" кај повисоките структури во партијата, заради што тие се трудат што е можно побогато да ги пречкаат делегациите.

"Ја донесов оваа одлука бидејќи немам друга алтернатива. Сериозно сум болен, детето ми е уште мало, а моето семејство има долгови," изјавил сопственикот на ресторанот.

28 октомври 2013 - 18:00