Додека нормален човек уште не може да се изнагрози од сликите и фактите од Втората, Третата светска војна зачука на DNS портите на Гугл каде што стана трендинг поим за пребарување.
Пробајте и сами, пишете "World War 3" или пократко "WW3" па ќе видите во дел од секунда колку резултати ќе ви бидат понудени на темава.
Најтешките случаи на интернет зависност веројатно се во паника кога дознаваат дека и да ја преживеат војната, најверојатно нема да имаат мрежа.
А таа денес е преполна со информации, статии, студии, анализи и проценки кои велат дека новата светска војна е речиси неизбежна, па дури и гарантирана.
Погледнете дел од насловите кои може да ве стават во состојба на готовност да се натоварите зејтин и брашно:
- Трета светска војна апдејт: Русија лансирала нуклеарни ракети кон САД?
- Пентагон: Третата светска војна "речиси е гарантирана"; ќе биде брза и смртоносна.
- Трета светска војна: Индија и Кина ќе бидат против Европа и САД?
- Руска телевизија побара од граѓаните да го најдат најблиското атомско засолниште
Во зависност од политичките и идеолошките афинитети, проценките се крајно спротивставени. Од оние дека Русија ќе биде супериорна во конфликтот, до оние кои велат дека САД ќе ја покорат Русија за само 10 дена (на што Путин рече дека тие немаат доволно бензин ни да ги обиколат нејзините граници).
Има и помалку оптимистички прогнози, како онаа на американскиот генерал Вилијам Хиз:
"Конвенционалниот конфликт во блиска иднина ќе биде екстремно смртоносен и брз, и за жал, штоперицата нема да биде кај нас"
Поумерените дијагнози велат дека многу поверојатно е по напнатост да резултира со нова Студена војна отколку со нова светска војна. Шон О Грејди за британски Индипендент пиша дека во гео-политиката веќе владее Студена војна, само што таа е малку поинаква отколку што се замислуваше па сè уште не се прифаќа како факт.
А за нова глобална војна веројатно е рано со самото тоа што во моментов во равенката ја нема Кина.
Но, време е, смета Љубчо Георгиевски кој побарал (види овде) од Груевски да го спреми народот за Трета светска војна. Ај што не ни е најјасно како тоа ќе се спремиме за WW3 (бесплатен гајгеров за основци? скривница за секој пензионер? субвенција за трета гас-маска?) туку што овој апел доаѓа од човек кој не успеа да нè подготви ни за војната од 2001-ва.