Парискиот весник Ле Монд има објавено цел серијал за безбедносните пропусти на популарната апликација за фитнес и кардио-вежби, но дупката не е поправена ниту војниците и телохранителите престанале да ја користат.
Новиот инцидент го предизвикал млад офицер во француската морнарица, кој на 13 март истрчал 7 километри и податоците од мерачот ги прикачил на интернет. Базата на податоци на Страва е отворена и секој што е пријавен може да ги види постигнувањата на сите други во мрежата.
Впечатливо за офицерот е што оставил трага од трчањето среде море – стотина километри јужно од турскиот брег кај Анталија. Три дена подоцна, кога податоците можеле да се споредат со сателитски снимки, во тој регион бил забележан носачот на авиони „Шарл де Гол“ и неговата ударна група - три фрегати и еден брод за снабдување. По поклопувањето на податоците, во следните денови речиси во реално време можело да се следи како флотата се приближувала кон Кипар, преку исцртаната карта на Страва.

Франција не криеше дека го испратила носачот кон Блискиот Исток. Тоа го најави претседателот Емануел Макрон уште на третиот ден откако САД и Израел ја почнаа војната против Иран, „Шарл де Гол“ тогаш беше во водите на Балтичкото Море на воени вежби на НАТО.
Но, јавното пренесување на точната позиција на носачот речиси во реално време сериозно ја загрозува безбедноста на стотиците морнари од борбената група. Откако почна војната, Иран погоди две француски бази на Блискиот Исток, еден војник загина во Ирак, а шестмина беа ранети.
Генералштабот на француските оружени сили соопшти дека објавувањето на претрчаните рути се спротивни со прописите, за кои морнарите „редовно се информираат“. Командата најави дека ќе преземе „соодветни мерки“.
Ле Монд и во 2024 година предупреди на безбедносните закани од Страва. Можело да се следи движењето на претседателите Џо Бајден, Доналд Трамп, Емануел Макрон и Владимир Путин преку податоците што на Страва ги испраќале нивните телохранители.
Во јануари 2025 година преку оваа мрежа беа откриени патроли на француски нуклеарни подморници со балистички проектили. Морнарицата тогаш призна „невнимание“ од персоналот.
******
Види и: Страва исцинка тајни воени бази
На „Страва“ може да ги лоцирате Бајден, Трамп, Камала, Макрон...