Совршеното стана непријател на доброто за Украина

Иако ни Трамп во претседателската дебата со Камала не сакаше јавно да спомне кое било решение за војната во Украина поразлично од декларирани украински позиции за враќање на границите од 1991, приватно дури и најблиските соработници на Бајден веруваат дека земјата ќе треба одново да дефинира што е тоа победа.

Во текст околу примирјето Форин полиси застанува на страна на светоста на државните граници и нивната непроменливост со сила како столб на меѓународниот поредок кој издржал цели 400 години.

„Сепак, иако оваа дефиниција е посакувана таа во крајна линија е недостижна,“ пишува ФП.

Тие објаснуваат дека Украина би можела да ја ослободи целата своја територија доколку САД и Европа и помогнат директно со сопствена војска. Ова би било спротивно на стратегијата што Западот ја одбра во 2022, и ќе биде проследено со огромен човечки, воени и економски трошок, и речиси неизбежна нуклеарна војна меѓу НАТО и Русија.

„Наместо да се држи до неизводливата дефиниција за победа, Вашингтон мора да се соочи со мрачната реалноста на војната и да се помири со поверојатниот исход.

Тие и понатаму треба победата да ја дефинираат како суверен и независен Киев, слободен да се приклучи кон која сака Алијанса, но да се откаже од идејата дека, за да победи, Киев треба да ја ослободи целата своја територија,“ сметаат од ФП.

Иако признаваат дека ваквиот исход ќе биде политички тежок и ќе бара храброст за спроведување, тоа според нив е „единствен начин Украина да се зачува како вистински независна држава, да и се овозможи изградба и да се избегне страшниот исход за земјата и светот.“

Подлабоката анализа покажува дека Киев ги нема ни основните бројки за некој воен пресврт на фронтот, и дека и онака најголемиот дел од расположливите сили ги користи за одбрана на оние 80% од територијата што ги контролира. Украина не само што не може да и парира на Русија и нејзините поддржувачи во воено производство, туку и западните партнери главно немаат ниту капацитет, а не се ни нешто посебно волни, да и испорачаат муниција и оружје колку што би било потребно да го врати источниот дел од земјата и Крим.

Ова се работи кои главно јавно не се признаваат од страв дека тоа ќе ја осили Русија и ќе ја деморализира Украина.

Од друга страна, проблем со јавно редефинирање на победа, пак ќе искомплицира каква било поддршка за дополнителна воена помош за Украина, бидејќи тоа би значело трошење дополнителни милијарди долари за кауза од која се имаат откажано.

Слабата страна на оваа стратегија пак е што немањето реалистична дефиниција за победа го намалува притисокот врз Русија бидејќи нема простор за сериозна дипломатија, туку секоја страна е оставена да поставува максимални барања, а Путин може да инсистира на тоа дека Западот е главната пречка за ставање крај на војната бидејќи не сака да преговара.

„На кратко, Украина и нејзините поддржувачи на крај бркаат политика која има мала веројатност да успее, но гарантирано многу ќе чини. Работите нема да станат подобри со минување на времето,“ пишува ФП.

Алтернативата на ваквите сценарија е западна поддршка за Украина и спротивставување на Русија, „но и искрен разговор со украинското раководство со ограничен стимул за Москва“.

Откако украинското раководство ќе се убеди во откажување од границите од 1991, на земјата треба да и се испорача оружје само под услов дека истото ќе биде искористено за одбрана, но и проектили со голем домет кои Киев ќе може да ги користи за гаѓање воени и економски мети на руска територија, како сигнал за Москва дека нема да може да извојува воена победа.

По ова треба да следуваат дипломатски напори во две фази. Во првата ќе се бара примирје на сегашните позиции на фронтот или со мали корекции, и одредена бафер зона меѓу двете страни, по примерот на онаа на Кипар.

Веднаш по ова почнува втората и многу подолга фаза која може да трае и со децении, се додека Русија не добие ново пост-Путин раководство кое ќе биде заинтересирано за интегрирање на земјата во Западот. Во оваа фаза на Украина ќе и се дадат и подобри безбедносни гаранции, идеално членство во НАТО, а ако тоа не е достижно, тогаш ветување на посебна алијанса составена од западни сили за одбрана на земјата.

Според нив тежината на целата задача треба да падне на Бајден, кој би можел да ги искористи своите над 70 преостанати денови од мандатот за да ја смени стратегијата на САД и со тоа да му олесни на својот наследник.

Бидејќи текстот е напишан пред победата на Трамп, Форин полиси објаснува дека ако Камала победеше, барем најголемиот дел од критиките ќе беа на грбот на Бајден и таа ќе можеше полесно да го доврши остатокот од работата. Од друга страна во случај на победа на Трамп, барем Бајден би ги имал поставено основите и насоката на новата политика на САД кон Украина, на начин кој би бил во корист на Киев.

7 ноември 2024 - 16:09