Иако нешто помлако, по масакрите во Дејтон и Ел Пасо, по неброен пат повторно се разви дебата за контрола на оружјето, поточно забрана на полу-автоматското оружје.
Додека главно едната страна цитираше статистики на ужасот за тоа колку Американци гинат од оружје, а другата цитираше уставно право на носење оружје, Вилијам Мекнаб од Арканзас постави горливо прашање околу неговата потреба од полу-автоматско оружје:
„Како во рок од 3-5 минути да убијам 30-50 диви свињи што упаднале во мојот двор додека моите мали деца си играат?“
По ова препукувањата меѓу двете страни речиси и да се ставаат на пауза и сите се префрлаат на правење мемиња и исмејување на твитот.
И тоа изгледаше вака:
Сепак, како што ќе посочи Гардијан, „ако сликата на 30-50 диви свињи кои упаѓаат во твојот двор ти изгледа неверојатна, тоа е затоа што не живееш во руралните делови на американскиот југ, каде големи групи диви свињи всушност преставуваат огромен проблем“.
Уредникот на Мусири лајф магазинот, Еван Вуд, кој пишувал на темата диви свињи, за Гардијан изјавува: „Тие се голем проблем, и на државно и на приватно земјиште. Тие живеат во големи групи до 60 свињи, и се многу штетни за земјоделците бидејќи кога јадат ја превртуваат почвата за да извадат работи од нејзе“.
Бројките на американското министерство за земјоделство покажуваат дека дивите свињи во САД годишно предизвикуваат штета од околу 1,5 милијарди долари. Во исто време во Мисури дивите свињи се прогласени за „инвазивни штетници што треба да бидат елиминирани од Мисури... кои за една вечер можат да уништат род на цела нива.“
Во врска со твитот Вуд вели дека полу-автоматското оружје нема да помогне да се реши проблемот:
„Ако почнеш да пукаш по нив, шансите дека ќе ги убиеш сите од прва се речиси нула, дури и да се само 10.
Оние што ќе преживеат често бегаат на различни страни, и заради брзината со која се размножуваат тоа ќе создаде уште повеќе групи кои уште повеќе ќе влијаат на земјата. Плус, често пати тие се враќаат назад од каде што биле избркани.“
Во Мисури повеќе од 20 години трае непрекината сезона на лов на диви свињи, и за сето тоа време нивната популација само продолжува да расте.
Инаку она по што последнава дебата се разликува од претходните е што и двете страни (про/анти оружје) решија малку да ја смират топката меѓу себе (веројатно за да не се вознемируваат претерано духовите на луѓето кои за некое време треба повторно да гласаат за претседател) и главниот гнев го истурија на сајтот 8чан, кој е речиси стандардно поврзан со масакри извршени од белци.