Слободата на говорот во САД е заложник на Израел

Ескалацијата на војната со Иран алармантно ја загрозува ерозијата на слободата на говорот во САД, особено ако е насочена против Израел. Со драконски мерки против антисемитизам и со закони за говор на омраза се замолчуваат сите критики, протести и бојкотирања. „Ние сме заложници на странска нација“, вели новинарот Глен Гринвалд.

Слободата на говорот во САД е во сериозна опасност, повеќе од кога било досега, не само поради обидите на ЕУ да ги замолкне популистичките гласови од десницата, туку уште повеќе од координираните напори од израелската влада, вели новинарот Глен Гринвалд, американски Евреин, во подкастот на Такер Карлсон.

Како најбизарен пример за цензура наметната од властите, Гринвалд истакнува дека 35 или 36 сојузни држави во САД усвоиле закони во кои американските граѓани на писмено треба да се изјаснат дека не го бојкотираат Израел, ако сакаат да склучат договори со владата, да добијат пристап до здравствена заштита или помош поради елементарни непогоди.

Можете да бојкотирате која било друга земја на планетата, која било друга држава, кој било друг град. Ама не можете да го бојкотирате Израел, вели Гринвалд.

Мерките, според него, се заостриле откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повика западните влади да направат повеќе за да ги заштитат Евреите во нивните земји.

Австралија, по нападот врз Евреите на Бонди Бич, донесе закон со кој се забрануваат вообичаени политички слогани што го навредуваат Израел, како „Од реката до морето“. Како израз на граѓанска непослушност, група граѓани протестирале носејќи маици со овој натпис и сите до еден биле уапсени.

Бонди Бич беше прилично ужасен напад. Двајца вооружени лица на прослава на Ханука пукаа во луѓе. Но, од кога на Запад веруваме дека решението за масакрите или масовните пукања - кои се случуваат постојано - е веднаш да се ограничи слободата на говорот? И не само да се ограничи, туку да се направи нелегално изразувањето на широк спектар на ставови?, прашува Гринвалд.

Тој вели дека и во САД се воведени низа законски рамки кои немаат друга цел, освен да ја прошират дефиницијата за антисемитизам со критики кон Евреите, дури и кон поединци.

Откако претседателот Трамп стапи на должност, ја направи борбата против антисемитизмот главен приоритет во сите агенции на неговата администрација. Има шеф за борба против антисемитизмот и беа донесени многу прописи кои забрануваат пристап до владини програми за оние што го критикуваат Израел.

Кога Трамп го повлече финансирањето на некои Универзитети поради тоа што „дозволувале антисемитизам“ им наметна да прифатат проширена дефиниција која забранува изразување на бенигни ставови - како што се „Израел е расистичко општество“ или споредувањето на Израел со нацистите.

Нашите најелитни институции за високо образование уште од просветителството беа единственото место за целосно неограничен говор и дебата, вклучувајќи и навредливи идеи, за да се тестираат табуа, дури и да се анализираат најсветите ортодоксии. Фактот дека овие ограничувања на говорот се случуваат на универзитетите е вознемирувачко и е деструктивно за слободата на говорот, укажува Гринвалд.

17 март 2026 - 16:52