Мајк Блек се откажува од своето богатство откако за време на пандемијата негови пријатели ги губат своите пари и бизниси. Намерата на Блек е преку својот пример да им помогне на пријателите одново да го изградат својот живот и да докаже дека среќата и парите не се обавезни за да се стане милионер, туку треба само напорна работа.
Деновиве Блек на својот Јутјуб канал, каде го документира подвигот, објави дека се откажува од експериментот бидејќи тој му удрил на здравје.
„И официјално одлучив предвремено да ставам крај на проектот. Сега, без разлика колку ми е тешко да го направам ова посебно со само два месеца до крај, се чувствувам дека тоа е правилна работа што треба да ја направам.
Лично се справувам со повеќе работи и неодамна се случи нешто што ме натера да донесам ваква одлука.
Моето лично здравје почна да се влошува до таа точка што морав веднаш да почнам да водам грижа за него. Низ целиот проект она што го немаме споделено со вас е дека во повеќе наврати бев на доктор,“ изјавува Блек во објавата дека се повлекува од проектот.
Милионерот наводно имал проблем со две автоимуни болести кои предизвикале хронична замореност и уште една болест која го удрила на зглобови.
Блек проектот го почнува буквално на улица и без пари. На улица минува неколку вечери пред еден непознат човек да му понуди престој во неговата приколка.
Тој почнува бизнис со онлајн продажба на мебел на Крегслист и Фејсбук маркет, и успева да наплати 300 долари во својата прва зделка. Веќе на петтиот ден од предизвикот тој заработува доволно пари за да си купи компјутер.
По две недели Блек стигнува до сопствена канцеларија а за само еден месец веќе има место за живеење под кирија. До третиот месец Блек станува успешен менаџер на социјални мрежи и смислува сопствен бренд на кафе.
На два месеца пред крајот на предизвикот, Блек успева да заработи вкупно 64.000 долари. Иако не стигнува до милионот, Блек го смета експериментот за успешен бидејќи покажал дека е можно да мрднеш од мртва точка ако си доволно упорен.