Сирија гори, СЗО брои димови

За Сирија веќе знаете сè: милиони раселени, бездомни, убиени или осакатени. Среде една таква трагедија која тече, Светската здравствена организација изрази загриженост заради зголемениот број пушачи во земјата. Озбилно. 

Претставникот на СЗО за Сирија, Елизабет Хоф (Норвежанка) ја истакнала потребата од зголемена контрола на консумирањето тутун и наргиле, особено меѓу младите и жените.

"Многу млади на школска возраст во Сирија веруваат дека пушењето наргиле е помодерно и помалку опасно од цигарите. А вистината е дека тоа знае да биде и до 20 пати поштетно од цигарите и дека оние што користат наргиле се соочуваат со истите ризици како што е ракот и срцевите заболувања," загрижено рекла Хоф во својата пригодна реч по повод светскиот ден против тутунот.

Таа побарала од сириските власти да се сообразат со планот на СЗО за воведување едноставен дизајн на кутиите со цигари. На настанот присуствувал сирискиот заменик министер за здравство кој потсетил дека неговата земја била една од првите во регионот која вовела забрана за пушење на јавни места и ветил дека властите и натаму ќе преземаат решителни мерки за обесхрабрување на луѓето кои ја имаат оваа лоша навика. 

"Воената криза не е алиби Сиријците да си го загрозуваат здравјето", добродушно гукнал заменик министерот.

Како што е ред на такви "ја нисам одавле" манифестации организирани од странци, по говорите на Хоф и овој од власта, на ивентот се читале поеми и есеи а имало и изложба на детски цртежи кои ги одразувале штетните ефекти на пушењето по здравјето на луѓето.

9 јуни 2016 - 14:38