Сирија бара од Германија да почека со депортацијата на бегалците

Властите во Дамаск побараа од Берлин да не ги депортира веднаш назад сириските бегалци, кои по падот на режимот на Асад го изгубија правото на азил во Германија. Бараат повеќе време за реконструкција на домовите и инфраструктурата. Ова барање ја подели кревката коалиција на конзервативците и социјалдемократите во владата на Мерц.

Мохамед Јакуб ал-Омар, директор на конзуларниот оддел во сириското Министерство за надворешни работи, предупреди дека илјадниците депортирани бегалци ќе ја оптоварат хуманитарната ситуација во Сирија и може да ја дестабилизираат земјата.

Тој побара од Берлин да им остави повеќе време на сириските власти да ги реконструираат домовите, училиштата, патиштата и енергетската мрежа, кои беа уништени во повеќегодишната граѓанска војна.

Вратените бегалци ќе мора да бидат сместени во бегалски кампови, кои веќе се преоптоварени. Околу 1,5 милиони луѓе моментално живеат во кампови со шатори само во северниот дел на Сирија, изјави Омар.

Конзервативци од партијата на канцеларот Фридрих Мерц го отфрлаат барањето од Дамаск и го потврдуваат официјалниот став на Берлин дека со крајот на војната во Сирија, нејзините државјани повеќе немаат основа да бараат заштита во Германија. 

Правото на престој не се одредува според желбите на земјите на потекло, туку според тоа дали постои причина за заштита. Оваа причина повеќе ја нема по падот на режимот на Башар ал Асад. Кој, ако не Сиријците, треба да ја обноват земјата по граѓанската војна?, изјави Александар Тром, портпарол на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ. 

Марион Гентгес, министерка за правда и миграција во сојузната држава Баден-Виртемберг, побара депортациите да се спроведуваат согласно предвидениот план.

Оние што се интегрирале би можеле да добијат дозвола за постојан престој и пристап до работа за да изградат иднина во Германија. Оние кои немаат право да останат треба да бидат вратени во Сирија. Во наш интерес е да се погрижиме сериозни криминалци и опасни лица да ја напуштат нашата земја, изјави Гентгес.

Во декември 2025 година еден сириски маж беше депортиран во Дамаск со комерцијален лет, придружуван од германски полицајци. Тој е првиот и досега последниот депортиран сириски бегалец од Сирија.

Процесот привремено е блокиран од социјалдемократите, иако во коалицискиот договор прифатија депортации на бегалци од Сирија, почнувајќи од оние што се осудени за криминал и лица кои се сметаат за закана за јавната безбедност.

На многу места нема училишта, нема вода ни канализација. Тоа не се хумани средини, изјави Сердар Јуксел од СПД.

Таа побара да им се овозможат „излети“ на сириските бегалци до нивната земја „за да им се зголеми желбата да се вратат“.

Алис Вајдел, копретседателка на опозициската Алтернатива за Германија побара итно спроведување на депортациите.

Сирија одбива да ги прими назад Сиријците, за да не ја дестабилизираат земјата. Бара криминалците од Сирија да останат во Германија, а германската влада ги поддржува. Почнете офанзива за депортација, вратете ги Сиријците во Сирија!, објави АфД.

24 февруари 2026 - 10:51