Шведска ќе им става алки на деца за да ги извлече од криминал

Шведска воведува електронски алки за следење на деца за кои е утврден ризик дека може да бидат регрутирани од банди за да извршат кривични дела. Постојаното следење би овозможило да навремено да се спречат тешки злосторства, и воедно да се заштитат децата. Плус, од јули Шведска ја спушта границата за кривична одговорност на возраст од 13 години.

Електронската алка ќе им биде поставена на 173 деца помлади од 15 години за кои постои сомневање дека се вмешани во убиства или заговори за убиства, објасни шведската министерка за социјални услуги Камила Валтерсон Гренвал.

Уредот ќе биде дизајниран да личи на часовник или обична алка, за да не биде очигледен или стигматизирачки како алките на глужд што ги носат осудените криминалци.

Националниот совет за спречување на криминал на Шведска и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) изразија загриженост дека така се кршат граѓанските слободи на децата.

Кога децата се изложени на ризик да паднат во канџите на сериозни криминалци, мора да имаме повеќе алатки за да ги заштитиме. Електронското следење треба да биде ефикасно во сериозни ситуации, со цел навремено да се прекине деструктивниот модел и да се гарантира безбедноста на детето, изјави министерката.

Шведска во изминатите години се соочува со нагло зголемување на насилства со употреба на оружје. Во престрелки и бомбашки напади поврзани со организираниот криминал гинат по десетици луѓе годишно. 

Бандите во Шведска сè повеќе регрутираат деца и тинејџери за грабежи, изнудувања, дури и за убиства, знаејќи дека лицата помлади од 15 години што ќе бидат фатени нема да се соочат со кривична одговорност и затворска казна.

Лани биле покренати 52 „доказни постапки“ против деца - правен процес според кој суд одлучува за вина дали дете под возраста за кривична одговорност, но не изрекува казна.

Од октомври минатата година, полицијата доби дозвола да прислушкува електронски комуникации на деца под 15 години, како дел од пошироки истражни овластувања.

Според посебен закон што веќе го одобри парламентот, од 1 јули ќе се спушти на 13 години минималната возраст за кривична одговорност за дела за кои е предвидена казна од најмалку четири години затвор.

******

Види и: Нелиберални закони ја спасуваат либерална Шведска

9 мај 2026 - 15:31