Шведска безобѕирно подобра од светот

Како најголеми глобални бубалици, сред свет во кој има 10 активни војни, Шведска објави дека прославува 200 години мир. Дополнувајќи го впечатокот, шведските племенски мудреци објаснуваат дека сето ова време најтешко им било што морале да научат како да заземаат не-конфликтен став во секој конфликт.

Ова е денешната граница меѓу Шведска и Норвешка

Пред 200 години, на 15-ти август 1814-та, Шведска го потпишува примирјето во кратката војна со Норвешка, која е и зачетокот на независноста на Норвешка. Ова е последната војна на Шведска.

Шведска учествува во мировните операции на О.Н., има активна војска, напредна воена индустрија, а и не е неутрална (како Швајцарија) од 1995-та кога станува дел од ЕУ. Меѓутоа во земјата нема никакво политичко насилство, нема меѓународни војни, нема граѓански војни, ниту воени удари. Ова равенство ги вади 200-те години мир.

Швеѓаните, имаат подолга серија и од Швајцарците, кои во 1847-ма ја имаа последната (граѓанска) војна.

И Норвешка имаше шанса да го брка овој просек откако успеа да се изолира од Првата светска војна, меѓутоа работите се искомпликуваа за време на Втората светска војна кога тие (не по своја волја) станаа дел од Сојузниците.

Шведска никогаш официјално не учествува во војната, ама затоа мирољубиво им дозволува на нацистичките армии да ја користат железничката инфраструктура на земјата за инвазијата на Норвешка.

Во своја одбрана Швеѓаните објаснуваат дека (ова се тешките времиња од нивната историја, во кои учеле одржување мир и дека) тие само заземале не-конфликтен став заради кој и им дозволиле премин на Нацистите.

Запрашан за тоа кое е објаснувањето за успехот и многулетноста на шведскиот мир, поранешниот шведски министер за надворешни работи, Карл Билд, мудро изјавува дека тој "најмногу се должи на среќа."

"Мирот мора да биде создаден, обезбеден и постојано да се внимава на него преку дијалог и дипломатија," одговорил Билд на прашањето за иднината на мирот и избегнувањето на конфликтите.

Во врска со внатрешните проблеми, како неуспешниот самоубиствен напад во Стокхолм во 2010-та, немирите од 2013-та, растот на анти-семитизмот во земјата, и зголемениот број на Швеѓани кои учествуваат во насилен екстремизам во странство, оценката е дека "сето ова и претходно се случувало."

"Важно е како општеството како целина ќе реагира на ова - а општеството очигледно е против ова и се обидува да преземе контра потези. Во немирите, на пример, контра потезите вклучуваат проекти на интеграција, наместо испраќање полиција. Ова е класичниот шведски начин на справување со работите," објаснува професорот по мир и истражување конфликти на Упсала Универзитетот, Питер Валенстин.

На 200-годишнината Швеѓаните не бараат ништо повеќе, само се надеваат дека идните 200 години ќе бидат поуспешни од минатите(!?!).

18 август 2014 - 10:02