Шпанија нема капацитет да легализира половина милион мигранти

Планот на социјалистичкиот премиер Педро Санчез за масовна легализација на половина милион имигранти може да пропадне, зашто Шпанија нема капацитет да обработи толку многу барања. Канцелариите се преоптоварени со барања од лани, нема упатства за апликациите, а имигрантите им плаќаат на посредници да им обезбедат термини.

Според наредбата на премиерот Санчез, процесот на издавање валидни документи за стотици илјади имигранти во Шпанија треба да почне од април и да заврши до јуни. Процесот воопшто не е едноставен ниту брз. Од секој мигрант се бара да докаже дека бил во Шпанија пред 31 декември 2025 година, дека имал непрекинат престој од пет месеци во земјата и дека немал криминално досие. Но, сè уште не е прецизирано кои документи ќе се сметаат за доказ.

Владата на 18 февруари објави „прелиминарен“ декрет во кој најави „специфична, преференцијална и диференцирана постапка за прозорецот за легализација“. Портпарол на Министерството за миграција изјавил за Ројтерс дека конечната верзија на декретот „сè уште е во фаза на изработка“.

Министерството на својата веб-страница во јануари објави дека не е предвиден дополнителен буџет или персонал за очекуваниот пораст на апликации. Службениците во канцелариите за имиграција се жалат дека биле преоптоварени со документи уште пред да биде објавена новата програма.

Нашите бироа се преполни. Ако не добиеме повеќе луѓе, технолошко засилување и повеќе пари, ова е невозможно. Службениците сè уште работат на апликации за легален статус поднесени во јуни 2025 година, изјави синдикалниот лидер Сезар Перез. 

Претходните влади во Мадрид, и на социјалистите и на конзервативците, имаа многу поодговорен пристап во своите програми за легализирање имигранти. За да бидат задоволени потребите на бизнисите за вработување повеќе луѓе, во 2005 година им беше понуден легален статус на 570.000 луѓе, ако докажат дека имаат договори за работа. Тогаш во канцелариите беа вработени уште 1.700 службеници и беа отворени 742 информативни пунктови на кои имигрантите добиваа помош да ги средат апликациите.

Владата сега предложила да го продолжи работното време на канцелариите или да префрли дел од обврските врз невладини организации. И двата предлога биле одбиени.

Вознемирени се и мигрантите, кои чекаат во долги колони пред државните канцеларии за да им бидат објаснети условите. Други бараат совети од невладини групи.

Сè уште не е јасно кои услови ќе треба да ги исполниме. Се плашам дека ќе побараат нешто што јас не можам да го обезбедам“, изјави за Ројтерс 37-годишната Ирис Роча од Перу, мајка на две деца.

Аналитичкиот центар Функас наведува дека на мигрантите во Шпанија им се потребни по две до три години за да добијат легален статус. Се проценува дека во процесот на легализација заглавиле близу 840.000 луѓе.

Луѓето се без документи не затоа што не сакаат да се регистрираат, туку затоа што не можат. Некои им плаќаат на посредници за да им закажат термини, а други тргуваат со термините. Тоа не е легално, предупредуваат адвокати. 

Иако не им се знае судбината на мигрантите што ги исполнуваат условите за легализирање, во Шпанија доаѓаат нови тури од Северна Африка.

27 февруари 2026 - 10:36