Правото за амнестија им беше понудено на мигрантите што пристигнале во Шпанија најдоцна до 1 јануари годинава, поминале најмалку пет месеци по ред во земјата и немале криминално досие.
Процесот за аплицирање беше отворен на 16 април. До средината на јуни беа доставени 900.000 барања за едногодишна привремена легализација на престој, од кои беа одобрени околу 360.000. До денеска, кога рокот завршува, имало уште 400.000 барања. Апликациите поднесени до крајниот рок ќе бидат обработени во текот на следните неколку недели, а одлуките ќе бидат донесени за три месеци.
Маурисио Валиенте, извршен директор на Шпанската комисија за бегалци (CEAR), предвидува дека конечниот број на луѓе на кои ќе им биде доделен легален статус ќе биде околу 900.000.
Процентот на одобрувања е многу висок, бидејќи барањата се многу едноставни и многу јасни, изјави Валиенте.
Премиерот Педро Санчез објасни дека амнестијата е економска неопходност, за да се одржи растот на на Шпанија и да се заштитат јавните пензии со доведување на помлади работници во земјата. Со економски раст од 2,6%, Шпанија ги надминува другите европски земји. Растот делумно е поттикнат од ангажирањето на мигранти, кои го пополнија недостигот на работна сила во клучните сектори како угостителството и грижата за стари лица.
Сепак, опозициските десничарски партии Партидо Популар (ПП) и Вокс, се спротивставија на мерката, за која тврдат дека ќе привлече уште повеќе нелегални мигранти во Шпанија.
Европската комисија објави дека дозволите за престој ќе важат само за Шпанија, а не за остатокот од ЕУ. Италијанската премиерка Џорџа Мелони, сепак, предупреди дека амнестијата ќе има последици во рамките на Шенген зоната за слободно движење на луѓе. Европскиот парламент овој месец усвои нацрт-закон за олеснување на депортацијата на мигрантите на кои им е одбиен азил.
Ова е седмата масовна амнестија на нелегални имигранти во Шпанија од 1980-те. Во 2001 година им беа дадени дозволи за престој на 221.083 мигранти, а во 2005 година речиси половина милион.
Италија во 2002 година прифати 634.700 недокументирани мигранти, што е најмасовната легализација во Европа. Рекордна е амнестијата во САД во 1986 година, одобрена од администрацијата на Роналд Реган – им беше доделен постојан легален престој на околу 2,7 милиони недокументирани имигранти.