Се спрема терен за политичка елиминација на Марин Ле Пен

Судска одлука за разрешување маргинален избран функционер на далечниот остров Мајот поттикна правни расправи во Париз дали пресудата може да послужи за елиминирање на опозициската лидерка Марин Ле Пен од трката за претседател на Франција. Ништо чудно. Сценарија на отстранување кандидати пред да победат на избори веќе видовме во Романија и во Истанбул.

Уставниот суд на Франција пресуди дека е уставно да се отстрани избран функционер од функцијата како казна за кривично дело по итна постапка, пред да пред поединецот да ја исцрпи жалбената процедура. 

Случајот се однесува на малку познат поранешен локален претставник од островот Мајот во Индиски Океан, но правни експерти тврдат дека одлуката може да влијае на исходот од судењето за проневера на лидерката на француската екстремната десница Марин Ле Пен. 

Обвинителите во случајот на Ле Пен побараа од Совет од тројца судии да ѝ изречат забрана да се кандидира на функција во рок од пет години и да побараат итно извршување на тој дел од казната. Со тоа Ле Пен практично би била елиминирана од трката за претседател во 2027 година, на која има големи шанси за победа. Судскиот совет треба да се произнесе за Ле Пен в понеделник. 

Вообичаена практика во Франција е казната да не се спроведува веднаш и презумпцијата на невиност да важи сè додека не бидат исцрпени механизмите за обжалување. Процедурите може да се развлечат со години.

Марин Ле Пен, заедно со уште 24 обвинети лица и нејзината партија, Национално движење се обвинети за проневера на средства од Европскиот парламент. Ангажирале парламентарни советници да работат за партијата, а ги претставиле како парламентарни советници за европски работи. Сите ги отфрлија обвинувањата.

Случајот во Мајот за кој се произнесе Уставниот суд се однесуваше на Рашади Саинду, поранешен локален функционер, разрешен откако бил прогласен за виновен за проневера на јавни средства во 2024 година. Неговите адвокати тврдеа дека со итното отстранување на Саинду од функцијата, пред да може да вложи жалба, на гласачите им било нарушено уставно загарантираното право да избираат претставници.

Случајот на Ле Пен е малку поинаков, бидејќи таа може да биде спречена да се кандидира за функција, а не да биде разрешена откако веќе била избрана.

Сложениот француски систем им овозможува на избраните членови на законодавните тела да ги задржат функциите дури и ако бидат казнети од суд, но им се одзема правото да се кандидираат за реизбор. За локалното ниво на власта, од друга страна, казнетите функционери веднаш мора да ја напуштат функцијата.

Од судските толкувања ќе зависи и политичката судбина на Луј Алјо, градоначалникот на Перпињан, најголемата општина што е под контрола на Националното движење. Обвинителите бараат Алјо, обвинет заедно со Ле Пен, да биде прогласен за „неподобен“ и итно да биде отстранет од функцијата.

28 март 2025 - 13:50