Компанијата Алмараи во 2014-та во Аризона купува земјиште со површина од 39 километри квадратни (3900 хектари), за годинава во Калифорнија да докупи уште 27 километри квадратни (2700 хектари).
Земјиштето им треба за хранење на околу 170.000 млечни крави што млекарата ги има во Саудиска Арабија, чија прехрана претежно се состои од луцерка. Проблемот со луцерката е што бара многу вода, заради што нејзиното одгледување во Саудиска Арабија само дополнително ќе ги намали и онака загрозените резерви на вода.
Иако како за нација која инвестира и купува имоти низ цел свет Американците се малку претерано накострешени, тие дополнително се вознемирени околу Саудијците по две основи:
- За земјиштето што го купуваат во Калифорнија, Саудијците добиваат дозвола за трошење речиси неограничена количина вода. Ова само по себе е спорно затоа што моментално Калифорнија е во една од најголемите суши во историјата, па додека на граѓаните им се мери колку трошат вода, фармерите можат да користат колку сакаат вода.
- Добар дел од Американците ги сметаат Саудијците за виновни за падот на цената на нафтата "и се повеќе ги чувствуваат Саудијците како закана а не како партнери."
Во одбрана на Саудијците, тие не се единствени што од вакви побуди купуваат земјиште во САД, истото го прави и Кина, Јапонија и ОАЕ. Плус, Американците до сега имаат коректно искуство со Алмараи, која на своето земјиште во Аризона успева да ги зачува и зголеми резервите на вода. Освен ова таа ја помага локалната економија, соработувајќи со локалните земјоделци на кои им ги откупува залихите на луцерка што им остануваат.
"За Саудиска Арабија купувањето земјиште во странство и помага на земјата да ја одржи својата прехранбена сигурност и да зачува она што и останува од резервите на вода. За жителите на Аризона и Калифорнија, делењето на она малку вода што им е останата со Саудијците, додека во исто време им се забранува да ги полеваат своите тревници, создава одредена одбивност," пренесува Бизнис Инсајдер.