Во новото месечно ажурирање на државните приходи и расходи за фискалната година што почна лани во октомври, Канцеларијата за буџет на Конгресот (CBO) укажува дека каматите на државниот долг се меѓу највисоките трошоци на федералната администрација.
Во првите седум месеци од фискалната година, владата платила најмногу (953 милијарди долари) за бенефиции за социјално осигурување. На второто место на списокот со трошоци е сервисирањето на надворешниот долг, во износ од 628 милијарди долари. Следуваат 588 милијарди за здравствениот систем Медикер и 409 милијарди долари за програмата Медикејд. Каматите се зголемуваат со секое месечно ажурирање на буџетот.
Износите за нето камата на јавниот долг се зголемија за 41 милијарда долари (или 7%) бидејќи долгот е поголем во споредба со првите седум месеци од фискалната 2025 година и поради повисоките долгорочни каматни стапки. Падот на краткорочните каматни стапки делумно го ублажи целокупниот пораст на каматните плаќања, соопшти буџетската канцеларија.
Вкупната слика за долгот, сепак, е оценета како нешто подобра. Ажурирањето спроведено во април покажа дека приходите на владата достигнале 3.300 милијарди долари во првите 212 дена од фискалната година, во споредба со 3.100 милијарди во истиот период претходната фискална година. Се зголемиле и трошоците, од 4.200 милијарди на 4.300 милијарди долари, но дефицитот од 955 милијарди долари е за 94 милијарди понизок во истиот период лани.
За главен двигател на оваа промена се сметаат приходите генерирани од царинската агенда на претседателот Доналд Трамп за ребалансирање на трговските договори со секоја нација во светот. Царините на Трамп донеле 190 милијарди долари, во споредба со 59 милијарди долари во истиот период лани.
Жоао Гомеш од факултетот Вортон во Пенсилванија, тврди дека „непопуларните“ царини ќе останат, дури и ако демократите победат на следните избори.
Владата има потреба од приходи. Штом ќе водите колку големи приходи носат царините, веројатно и демократите би останале зависни од нив исто како и републиканците, вели професорот.