Станува збор за израелски систем кој веќе некое успешно го брани Израел од ракетни напади, а во чие создавање САД имаат учествувано со инвестиција од 429 милиони долари. Од пуштањето во употреба во 2011, Железната купола има соборено над 1.200 проектили. Освен способноста да открие и собори проектил, Железната купола за разлика од другите вакви системи, може да процени и дали проектилот ќе ја утне метата и со тоа да заштеди на муниција (ракетите чинат околу 100.000 долари).
Израелски и американски функционери ја проценуваат стапката на успешност на системот на околу 90%, според статистиките од границите со Газа „едно од најактивните места во светот по бројот на балистички проектили“.
Резилот на САД е што тие со години за оваа намена го користат и развиваат Патриот системот, кој се има докажано во борба, и кој Американците стандардно го распоредуваат низ светот за одбрана на базите од проектили со краток домет.
Иако Патриот до сега ги нема изневерено Американците, приказната е малку поинаква кај сојузниците на САД како Саудиска Арабија. Саудијците исто така го користат Патриот главно во одбрана од проектили од Хути бунтовниците од соседен Јемен, и на оваа должност до сега тој имаше повеќе неуспеси и еднаш спектакуларно разочара во одбрана на Ријад. Она што е посебно болно е што Хутите користат релативно несофистицирани ирански ракети.
И самите Саудијци додека константно го фалат американскиот систем, и не признаваат пропусти, се во преговори со Русија за набавка на С-400 системот.
И покрај објаснувањето од вооружените сили на САД, дека израелската нарачка е само привремена и за тестирање, во анализата на Бизнис инсајдер се порачува дека „со купување на израелскиот систем со одлични оценки и заобиколувањето на американски систем со променливи резултати, САД конечно ги призна недостатоците на својот одбранбен систем“.