САД им брани на војниците околу Иран да користат мобилни телефони

Централната команда на американските сили се закани дека ќе им ги запленува мобилните телефони на војниците во Јордан затоа што со објавувањето сведоштва, фотографии и снимки им олеснуваат на иранските сили да ги следат ефектите од своите ракетни напади. Адмиралот Бред Купер оцени дека и новинарските извештаи се бесплатен разузнавачки сервис за Техеран.

Близу 50.000 американски војници ангажирани во операцијата против Иран секојдневно преку своите мобилни телефони и компјутери комуницираат со своите најблиски, макар само да ги известат дека се живи и здрави. Во војната досега загинаа 18 војници, а над 600 се ранети или повредени.

Командантот на американските сили на Блискиот Исток, адмиралот Бред Купер, во внатрешен меморандум предупредил дека секоја снимка отворено споделена преку интернет претставува доверлива разузнавачка информација.

Американските бази се заштитени со системи за електронско попречување. Но, Иран може во реално време да го следи ефектот од своите напади со ракети и дронови врз американските бази преку пребарување на новинарски извештаи и објави на социјалните мрежи во кои се пренесуваат реакции, фотографии и снимки од мобилните телефони на војниците.

Во документот не се предложени конкретни мерки, но во Јордан, кој е честа цел на ирански напади, некои војници добиле известување дека ќе им бидат конфискувани телефоните. 

Директната и неизбежна цена на овие разузнавачки информации од јавно достапни извори би можела да се мери со животи на американски војници и цивилно население во земјите од заливскиот регион, забележува командантот на Централната команда на САД.

Купер притоа истакнал снимка објавена на интернет на 17 јули, на која се гледа како американски војници од воздухопловната база „Мувафак Салти“ во Јордан трчаат кон засолниште за време на иранскиот напад во кој загинаа тројца војници. Снимката, според Купер, била направена со „паметни“ очила на Meta со вградена камера.

Кога иранските сили испалуваат ракети не знаат дали промашиле за 50 метри, погодиле празна писта или успешно погодиле објект полн со луѓе. Деталните списоци, описи и анализи за тоа што е погодено, а кои се објавуваат по медиумите, всушност му овозможуваат на Иран бесплатно да ја процени штетата од борбените дејства, истакнува Купер.

Правила за користење на мобилни телефони на американските војници распоредени во воени зони зависат од единица до единица. Во некои војниците мораат да ги чуваат телефоните заклучени, а строго е забрането користењето во чувствителни мисии и специјални операции. Понекогаш е забрането користење на специфични апликации.

На почетокот на војната големо внимание привлече случајот на француски морнар кој преку апликацијата за фитнес на Strava несвесно ја откривал прецизната локација на носачот на авиони „Шарл де Гол“ додека пловел кон Персискиот Залив.

******
Види и: Страва во живо ја цртала позицијата на носачот „Шарл де Гол“

30 јули 2026 - 08:52