На двајца палестински затвореници од Појасот Газа неодамна им биле ампутирани нозете поради повреди здобиени од манжетните на нозете за време на притворот, тврди израелскиот лекар.
Тој работи во теренската болница во логорот Сде Теиман во пустината Негев и обелоденува дека палестинските затвореници се соочуваат со грозни услови и нечовечки третман.
„Само оваа недела, на двајца затвореници им беа ампутирани нозете поради повреди од оковите, што за жал, е рутински настан“, пишува тој во писмото до министрите за одбрана, за здравство и до државниот обвинител кое го цитира Хаарец.
Според израелскиот лекар, палестинските затвореници во установата се со врзани очи, ги хранат со сламки и вршат нужда во пелени. На сите палестински пациенти во теренската болница им се оковани и рацете и нозете.
Три други извори на Хаарец му потврдиле дека има примери за ампутирани раце на палестински затвореници и дека многу од приведените претрпеле исеченици од лисиците кои потоа се инфицирале.
Портпаролот на армијата тврди дека затворениците се врзани според прописите за да се обезбеди безбедност на војниците и медицинскиот персонал“ и дека стражарите оставаат доволно „луфта“ меѓу оковот и ногата.
Според палестинските податоци, се проценува дека Израел држи повеќе од 9.100 Палестинци во затворите, а многумина се држени без обвинение или судски процес.