Родители цел час слушале како Салвадор Рамос ги убива децата

Пукањето во основното училиште во Увалде почнува околу 11:30, а завршува нешто пред 13 часот. Најголемиот дел од жртвите на 18-годишниот убиец се 10-годишни четвртоодделенци кои едноставно се погодиле да се во училницата во која тој се барикадира.

Пред да почне масакрот и да почне да ги убива учениците, Рамос го удира пикапот во ендек со таква сила што ги вади од памет околните жители, кои веднаш повикуваат полиција. За кратко на лице место се појавуваат двајца полицајци кои започнуваат престрелка со добро заштитениот Рамос и двајцата се ранети. По ова Рамос се затвора во училницата на четвртоодделенците „каде го прави најголемиот дел од убиствата, ако не и сите“.

Бидејќи Увалде е прилично мал град од околу 16.000 жители веднаш се шири веста за престрелката со полицијата и околу училиштето полека почнуваат да се собираат локалци, родители на ученици и полициски единици. Во 12:52 полицијата успева да пробие во училницата во која е скриен Рамос и го убива на лице место.

Во деновите по убиствата се уште не е најјасно што се случувало од првиот повик на полицијата до крајот на масакрот, а Вашингтон пост пренесува изјава на родителите кои сакале сами да упаднат во школото, да не ја чекаат полицијата, за да ги спасат децата.

„Бевме пет или шест татковци, кои ги слушавме истрелите, а полицијата ни викаше да се вратиме назад.

Не ни беше гајле за нас. Сакавме да влеземе во зградата. Бевме на чекор да тргнеме, затоа што толку многу бевме загрижени, и сакавме да ги извадиме нашите деца,“ изјавил Хавиер Цезарес чија 9-годишна ќерка, Жаклин, била во училиштето.

Неколку часови подоцна, откако ќерка му и понатаму не е излезена, Цезарес дознава дека Жаклин била застрелана а подоцна и умрела во болница.

Вол стрит журнал пак објавува сведоштва дека на една родителка на кратко и биле ставени лисици затоа што сакала заедно со другите родители да упадне во зградата. Други сведоци раскажуваат како еден татко бил бесно фрлен на земја од полицајците што го обезбедувале периметарот, друг бил испрскан со солзавец, а трет совладан со пиштол на струја.

Локалците ја обвинуваат полицијата дека ништо не направила и само дремела околу училиштето, што полицијата го негира објаснувајќи дека евакуирала ученици и наставници.

Во исто време самата полиција признава дека чекале да се појават специјалците од Граничната полиција, кои пристигнуваат за околу еден час, влегуваат во училиштето и го убиваат Рамос.

Официјално во масакрот се убиени 19 ученици и двајца наставници, а 17 лица се ранети.

Рамос во училницата бил затворен повеќе од еден час, и за тоа време ги убивал своите жртви.

27 мај 2022 - 10:00