Во рамките на операцијата „Јужно копје“, американските воени сили од септември до крајот на април извршија напади врз 54 „бродови за дрога“ во Карибите и Источниот Пацифик, при што загинаа повеќе од 185 цивили. Во најновиот напад вчера во водите на Пацификот биле убиени уште три лица.
Конгресмени и активисти за човекови права ги оспоруваат тврдењата од претседателот Доналд Трамп и неговата администрација дека со уништувањето на цивилните бродови се води војна против наркокартелите и дека се спречуваат смртни случаи на Американци од предозирање со дрога. Експерти забележуваат дека претставените податоци случајно или намерно немаат врска со реалноста.
Администрацијата не успеа да ги објасни долгорочните цели на оваа мисија ниту да обезбеди докази за намален проток на дрога во САД. Барам веродостоен одговор на фундаменталното прашање: Што всушност треба да постигне операцијата? изјави минатата недела сенаторот Џек Рид, член на Комитетот за вооружени сили на Сенатот.
Правници и конгресмени од двете партии велат дека нападите се нелегални, вонсудски убиства бидејќи војската не смее да напаѓа цивили, дури и ако се осомничени криминалци, ако не претставуваат непосредна закана од насилство. Стандардната практика во долготрајната војна на САД против дрогата е агенции за спроведување на законот да апсат осомничени шверцери, да соберат докази за обвиненија и да ги изведат пред суд.
Ова се вонсудски егзекуции, или дури и убиства. Тоа е нешто слично на полицаец кој без оправдување за самоодбрана му пука во грб на осомничен што бега, вели Адам Исаксон, експерт од Вашингтонската канцеларија за Латинска Америка.
Сара Џејкобс од Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом изјави за Интерсепт дека високи функционери зад затворени врати признале дека погодените бродови не транспортирале фентанил – најсмртоносната дрога во САД.
Како претставник на погранична заедница, знам дека 99% од фентанилот што влегува во САД доаѓа преку легални гранични премини од страна на американски државјани и легални жители, вели Џејкобс.
Трамп првично ги оправдуваше нападите со запирање на шверцот на фентанил, а подоцна се префрли на пошироко поле.
Влезот на дроги по морски пат во нашата земја е намален за 97%, изјави Трамп на 29 јануари.

Експерти велат дека ова тврдењето е смешно, измислено или е обид за доведување на американскиот народ во заблуда. Помошник-министерот безбедносни прашања, Џозеф Хамир, претстави други бројки пред Конгресот: „Има намалување од 20% на движењата на бродовите со дрога во Карибите и 25% во Источниот Пацифик“.
Намалувањето на протокот на кокаин од 97% би значело дека кокаинот сега е исклучително редок во САД. Цената на кокаинот би скокнала до небо. Зависниците би се бореле меѓусебно за тоа колку малку кокаин или крек би можеле да најдат, објаснува Вилијам Баумгартнер, поранешен командант на Седмиот округ на крајбрежната стража, кој ги надгледува операциите за спречување на дрога во југоисточниот дел на САД и Карипскиот басен.
За апсурдна се смета и изјавата на Трамп дека секој брод спасува по 25.000 животи во САД.
Центрите за контрола и превенција на болести пријавија повеќе од 70.000 смртни случаи од предозирање со дрога за 12-месечниот период што завршува во ноември 2025 година. Според математиката на Трамп, дрогата на 54-те бродови би била одговорна за 1.400.000 смртни случаи - 20 пати повеќе од бројот на смртни случаи од предозирање за една година. Тоа веројатно би било повеќе од бројот на смртни случаи од кокаин во последните пет децении заедно, вели Баумгартнер.
Пратениците и другите експерти велат дека администрацијата на Трамп не разбираат дека трговијата со дрога е бизнис, кој не може да се уништи со проектили.
Тие применија воено решение за економски проблем, како да постои командна структура на глобалната економија на дрога во кој главниот шеф решил да се предаде и да им наложи на одгледувачите, хемичарите, шверцерите, ситните дилери и перачите на пари да се откажат. Не функционира тоа така. Дури и да има случај некој да се повлече од бизнисот, има бесконечен број на конкуренти што ќе ја пополнат празнината. Шверцот е бизнис – вели Санхо Три, директор на Проектот за политика за дроги во Институтот за политички студии во Вашингтон.