Прво ретките минерали, потоа скапоцениот мир

На Вашингтон му се брза да склучи договор за украинските ретки руди. Од мисијата на специјалниот пратеник Кит Келог во Киев зависи дали Трамп ќе ја продолжи воената помош за Украина или мировните преговори со Русија. Сосема друго прашање е дали Украина воопшто поседува ретки руди од 500 милијарди долари. Главните рудници се окупирани од Русија.

Вашингтон притиска што е можно побрзо да направи „рамковен“ договор со Киев за пристап до украинските ретки минерали и руди, од чија вредност би можела да зависи и американската воена поддршка и текот на мировните преговори со Русија.

Доналд Трамп побара минерали во вредност од 500 милијарди долари, што е многу повеќе од вкупната помош што Украина во изминатите три години ја доби како воена и друга помош од Америка, но толкава е сега цената на мирот.

Навреден од тоа што не беше поканет на американско-руските преговори за мир во неговата земја, претседателот Володимир Зеленски го одби американскиот предлог Украина да ја плати досегашната воена и друга помош со своите критични рудни богатства, како графит, ураниум и литиум.

Зеленски завчера налутено кажа „Не можам да ја продадам својата земја“, но сепак прифати да преговара со специјалниот пратеник Кит Келог, кој веќе е во Киев. Келог и Зеленски пред сè треба да дефиниираат што точно сака Вашингтон, а што сака Киев. Тие треба да разјаснат и дали 500-те милијарди што ги спомна Трамп се однесуваат на досегашната поддршка или опфаќаат и гарантирање безбедност во иднина.

Извори на Ројтерс велат дека од мисијата на Келог зависи одлуката на Трамп дали да ја продолжи воената помош за Киев или да продолжи со мировните преговори со Русија. 

На Трамп му е важно да им објави на Американците дека ќе си ги добијат назад милијардите што ѝ беа дадени на Украина како помош, велат изворите.

Сосема друго прашање е дали Украина воопшто поседува толку многу ретки руди за да може да ги плати стотиците милијарди што ги побара Трамп. Властите во Киев, пред сè, немаат контрола врз една петтина од украинската територија. А токму таму се чини се крие главното рудно богатство.

Украинското издание на Форбс во април  2023 година пресметало дека Украина има рудни резерви од 111 милијарди тони, главно јаглен и железо, со вредност од 14,8 билиони долари. Повеќе од 70 отсто од овие резерви се во индустрискиот регион на Доњецк и Луханск, кои главно се под руска контрола и во Днипропетровск, близу до фронтот.

Вашингтон пост во август 2022 година ги процени украинските рудни богатства на 26 билиони долари, но една половина од нив се на територија под руска контрола.

Форбс во 2023 година објави дека Украина има 33 милиони тони литиум, вреден 38 милијарди долари, но руските тенкови веќе се на прагот на наоѓалиштето Шевченкивске во Доњецк и во Крута Балка во Запорожје.

Украина во 2022 година се пофали дека е меѓу десетте земји со најголеми резерви на титаниум и меѓу петте со резерви на графит, но производството падна за 95 отсто откако почна војната. САД увезуваат 95 отсто од титаниумот и 100 отсто од графитот за да ги задоволат индустриските потреби.

Украина има и наоѓалишта на лантаниум и цериум, кои се користат за телевизиски екрани и светилки, неодимиум, кој се користи за турбини и батерии, како и ербиум и итриум, кои се неопходни за разни потреби, од нуклеарни централи до ласери.

Критичари забележуваат дека украинските руди не вредат толку многу колку што ги претставува Киев.

Не само што предлогот на Трамп е екстремно незгоден, туку и не баш разумен. Поголемиот дел од украинските резерви на ретки метали се на руски окупирани територии. Згора на тоа, на САД не им се потребни резерви, туку метали рафинирани било каде освен во Кина, предупредува Марко Папич, стратег во „BCA Research“.

Грејслин Баскаран од Центарот за стратегиски и меѓународни студии додава дека повеќето податоци се стари, од истражувања спроведени во времето на СССР.

Хавиер Блас од Блумберг е сурово директен: Ретките метали на Украина се илузија!

Еуфоријата ја почнаа Украинците. Очајни во обидите да го привлечат Трамп, тие избрзано му го претставија Планот за победа, во кој беше напумпан потенцијалот за минерални резерви. Украина нема значајни резерви освен мали рудници за скандиум, забележува Блас.

Тој смета дека Украина би можела да произведува минерали во вредност од 15 милијарди долари годишно, еквивалентно на два дена од глобалното производство на нафта.

Да речеме дека Украина волшебно би произвела 20 отсто од светските ретки минерали, тоа би било 3 милијарди долари годишно, пишува Блас. За да се стигне до сумата од 500 милијарди на Трамп, Американците би требало да откупат 150-годишно производство на Украина. Чисти глупости!

 

20 февруари 2025 - 11:52