Во 2015 година, многу либерални жители на Хамтрамк во Мичиген радосно го славеа меѓународното внимание кое нивниот град го доби откако стана прво место во САД со мнозинство муслимани во градскиот совет.
Тоа го гледаа како позитивна промена во насока на инклузивност, но и како симболичен жолт картон за исламофобната реторика која му се припишуваше на тогашниот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп.
Последниве денови, добар дел од тие исти жители не можеа да се изначудат што - сега целосно - муслиманскиот градски совет усвои закон со кој се забранува веење ЛГБТ знамиња на објекти кои му припаѓаат на градот.
Таквата одлука била донесена едногласно а муслиманските жители кои ја преполниле зградата на градското собрание тоа го дочекале со овации.
„Имаме чувство дека сме жртви на предавство“, изјави поранешната градоначалничка на Хамтрамк, Карен Мајевски, која е од полско потекло. „Ние ве поддржувавме кога ви се закануваа, а сега кога нашите права се загрозени, вие сте тие што се закануваат“.
Околу еден век, полските и украинските католици доминираа во политиката во Хамтрамк, град со 28.000 жители близу Детроит. Ситуацијата се измени пред десетина години, кога претежнаа главно муслимански имигранти од Бангладеш и Јемен. Има таму и Босанци и Македонци и Албанци, но меѓу 30% до 38% од жителите се од јеменско, а 24% од азиско потекло, главно од Бангладеш.
Актуелен градоначалник е 43 годишниот Амер Галиб кој во 2021 освои 67% од гласовите и стана првиот американски градоначалник со јеменско потекло. За Гардијан рекол дека пази на тоа да биде фер кон сите но дека тензиите ги зголемуваат ЛГБТ поддржувачите кои „им ја наметнуваат својата агенда на сите други.“