
Поплавите во Тексас се меѓу најкатастрофалните во историјата на САД. Загинаа повеќе од сто луѓе, меѓу нив и десетици деца. Бројот на жртви уште се зголемува. Упорно се трага по десетици исчезнати луѓе, вклучувајќи и десет девојчиња збришани од летниот камп Мистик.
Со повлекување на главниот бран на водата, се расчистуваат остатоците од кампот и се спроведува темелна истрага зошто луѓето и особено децата не биле навремено предупредени и евакуирани пред налетот на надојдената река во регионот познат и како „Долина на поплави“.
Повеќето жители на округот Кер ја преспале тревогата на нивните телефони во петокот во 1.14 часот по полноќ. Некои се разбудиле од лаењето на кучињата или кога соседите им затропале на врата. Тоа било последната тревога. Кога стигнало второто предупредување по телефон, во 4.30 часот, неизбежно близу бил фронтот на водата, повисок од најавениот.
Националната метеоролошка служба предупредила на врнежи од 13 до 25 литри дожд на квадратен метар. За неколку часа наврнале 53 литри, колку што е просекот за четири месеци. За 45 минути го кренале нивото на Гвадалупе за 6 метри.
Наспроти низата иницијативи во изминатите години, окружните власти не одобриле инсталирање систем со сирени за масовно и гласно предупредување. Тоа значи дека единствениот канал за предупредување била апликацијата на мобилните телефони.
Во Мистик го немало ни тоа. Како услов за престој во христијанскиот летен камп, девојчињата морале да ги предадат своите електронски уреди.
Евакуацијата била спроведена брзо и ефикасно. Итните служби спасиле и извлекле многу луѓе. Штетата била направена многу порано.
Том Мозер, поранешен комесар во округот Кер, во кој настрадаа најмногу луѓе, уште во 2016 година барал да се вгради систем за масовна тревога во случај на поплави. Иницијативата била отфрлена за да не се оптовари буџетот.
Друг комесар гласал против грант од 50.000 долари за студија за инсталирање сирени и мерачи на нивото на вода по целото течение на Гваделупе.
Мислам дека тоа би било екстравагантно за округот Кер, со сирени и такви работи. Ми оди на нерви да се издвојат овие средства од специјални проекти од одделот за патишта и мостови, изјавил комесарот, според локални медиуми.
Во 2017 година округот аплицирал за грант од 1 милион долари од Федералната агенција за итно управување (ФЕМА) за систем за предупредување. Барањето било одбиено. Поголемиот дел од фондот бил наменет за жртвите од налетот на ураганот Харви.
Конечно, во октомври, окружните власти го издвоиле како „висок приоритет“ инсталирањето сирени покрај реката, со забелешка дека проектот може да се спроведе со сирени што чинат по 1.000 долари. Не бил инсталиран.