Право на абортус со мирис на нафта

На прв поглед се чини дека актуелизирањето на оваа тема во Америка е јасно разбирлива по партиски линии. Меѓутоа, додека Демократите вреват дека силно ќе се спротивстават на укинувањето на абортусот, американската Шеќеринска, Ненси Пелоси, како и други партиски ајкули застануваат зад кандидат кој е многу против абортусот.

Спикерот Ненси Пелоси сè уште необјасниво стои зад најгласниот анти-абортус Демократ во Претставничкиот дом, дури и по неодамнешните најави дека Врховниот суд може да донесе решение по кое само Конгресот ќе може да го заштити правото на абортус на национално ниво.

Се работи за Хенри Кјулар кој на партиските избори во Тексас во втор круг се соочува со Џесика Циснерос, левичарски ориентирана Демократка која доби поддршка од Берни Сандерс.

Колку и политичкиот багаж на Кјулар да станува незгоден товар за Демократската партија, нејзината врхушка останува со него. Иако, според политичките потези, тој е тешко да се разликува од Републиканците, не само против абортусот, за што е наградуван од про-живот алијансата.

Кјулар важи за омилен Демократ на нафтената индустрија. Во февруари годинава дома му упадна ФБИ заради неговите сомнителни бизнис зделки со Азербејџан, Американскиот петролејски институт одвои милионска сума за неговиот последен реизбор во 2020 година, финансиски му имаат помагано и републикански колеги кои исто така зависат од нафтените пари, гласаше против законот со кој на работниците ќе им се олеснеше синдикално да се организираат а пред две години стана првиот Демократ кој доби подршка од мрежата на моќната империја Коч (нешто како Сорос за конзервативци).

Спроти него а е Американката со мексиканско потекло, Циснерос, чии родители се земјоделци, која се залага за репродуктивни права, здравство за сите, минималец од 15 долари.... Токму такво лице за кое ќе се помисли дека на Демократите би им било драгоцено во Конгресот.

Па сепак, ајкулите од Демократската партија остануваат со Кјулар. Не само Пелоси. Со него е и лидерот на демократските конгресмени, неколку комитети на партијата и моќни консултантски фирми одобрени од партијата.

Така стојат работите додека Демократите врескаат против евентуалното укинување на правото на абортус, најавуваат дека ќе организираат и собирање донации наа тема, а Елизабет Ворен хистерише дека компликацијата на оваа тема е ексклузивна заврзлама на Републиканците кои трпеливо и со децении работеле да дојдат до посакуван состав на судиите во Врховниот суд.

„Џо Бајден неодамна порача дека 'на граѓаните ќе остане да изберат про-избор кандидати во ноември'. Некој треба да му каже на претседателот дека неговото партиско лидерство прави сè за гласачите во јужен Тексас да немаат таков избор“, пишува Лиза Федерстон во Јакобин.

11 мај 2022 - 12:33