Бирото за информации од бизнисот КРИФ проценува дека презадолжените домаќинства во Германија лани биле оптоварени со просечен долг од околу 15.000 евра. Кога долговите ќе се натрупаат, водат кон личен банкрот. Во 2025 година биле регистрирани вкупно 107.816 покренати процедури за банкротирања, што е за 7,8% повеќе во споредба со претходната година. Во оваа година се очекува бројот уште повеќе да се зголеми.
И покрај генерално поголемата подготвеност на Германците да штедат, многу домаќинства немаат тргнато на страна доволно резерви за да ги апсорбираат растечките трошоци, оцени Франк Шлајн, генерален директор на агенцијата CRIF.
Како главни причини во барањата за банкротирање се наведени невработеноста, пропаднат проект за самовработување, развод или здравствени проблеми. Најмногу, за 52%, е зголемен бројот на барања за банкрот од Германците на возраст од 18 до 20 години, кои сè уште не стекнале работно искуство. Главната причина за ова, според КРИФ, се „импулсивните купувања“, особено преку механизми со одложено плаќање. Тоа ги поттикнува младите луѓе да ги преценат своите финансиски капацитети и да преземат на себе поголем долг отколку што можат да издржат.
Мотив плус за покренување на постапката на банкротирање е тоа што времето на „прочистување“ на долговите е скратено од 6 на 3 години. Во овој период, должникот го плаќа поголемиот дел од својот приход на адвокатска канцеларија во улога на стечаен управник, додека доверителите добиваат само дел од долгот по три години.
Јанис Елинг од партијата Левица укажува дека зголемениот број на банкротирања пред сè е одраз на поскапувањата.
Ова покажува дека сè повеќе луѓе не можат да си дозволат пристоен живот во Германија, оценува Елинг.
Таа бара од владата да формира федерална агенција за кредитен рејтинг на граѓаните за да ја преземе улогата од приватници, за кои оценува дека работат против интересите на граѓаните.
Кредитната способност на Германците сега ја проценува приватното биро Шуфа. Податоците ги доставува до банки, сопственици на недвижности и трговци, за да проценат дали клиентот може да ги плати кредитот или сметките. Оние што нема навремено да ги платат ратите добиваат негативни оценки. Но, процесот не е транспарентен и често има грешки, поради кои некои луѓе се блокирани иако редовно ги плаќаат сметките.