
Полското министерство за правда предизвика нов бран полемики откако обелодени дел од идеите за поддршка на жените кои ќе мораат да родат дури и фетуси со фатални дефекти заради речиси универзалната забрана за абортус која е во сила. Меѓу идеите е и таквите родилки да добијат „лична соба“, за да можат „да се исплачат“.
Сетот мерки доаѓа по одлуката на уставниот трибунал за забрана на абортус поради малформации на фетусот, што претходно сочинуваше 89% од легалните прекини на бременост.
Портпаролката на министерството кое го раководи лидерот на Обединета Полска, запрашана за детали какква поддршка ќе добијат жените кои ќе мораат да родат во исклучително трауматична ситуација, го дала следниов одговор:
„Таа ќе има, на пример, посебна соба, за да има услови да се исплаче“.
Боровска додала дека на истрауматизираните родилки ќе им биде понудена и стручна психолошка помош, за да им се даде совет „што и како понатаму.“
Лидерот на владеачката Партија на редот и законот, Јарослав Качински, во 2016 година најави дека „дури и во случаи на тешка бременост, кога детето неизбежно ќе умре или на свет ќе дојде непоправливо деформирано, тие ќе се борат таквата бременост да заврши со породување, за да може бебето да биде крстено, да добие име и да биде прописно погребано.“