Претседателот на Народната банка на Полска (НБП), Адам Глапински, со години нагласува дека златото има посебна улога во структурата на резервите.
Тоа е средство без кредитен ризик, независно од одлуките на монетарната политика на другите земји и е отпорно на финансиски шокови. Високите резерви на злато, исто така, придонесуваат за стабилноста на полската економија, објаснува гувернерот.
Целта на полската банка е да купи уште барем 150 тони злато, со што вкупната вредност на резервите би била 400 милијарди злоти (94 милијарди евра). Оваа сума ќе биде значително повисока ако на светските берзи продолжи да расте цената на златото. Пред неполна недела тоа ја надмина границата од 5.000 долари за унца, а сега веќе се тргува за цена над 5.500 долари.

Полската централна банка во вистинско време го пренасочи својот интерес. Во 2024 година златото сочинуваше 16,86% од девизните резерви, а при крајот на декември стигна до 28,22%. Тоа е една од најбрзите промени во структурата на резервите меѓу централните банки во светот.
Најголемите трансакции беа извршени во последните месеци од 2025 година, за време на период на зголемена нестабилност на пазарот поради геополитички тензии. Според анализа од Светскиот совет за злато, повеќето земји лани ги зголемиле своите залихи заради стратешка заштита од валутни и финансиски кризи. Дури 95% од банките очекуваат глобалните резерви на злато да се зголемат до крајот на годинава.

Еден од клучните мотиви за централните банки е независноста на цената на златото од монетарната политика и кредитниот ризик. Подеднакво важна е и диверзификацијата на средствата и намалувањето на уделот на доларот и другите валути во резервите, објаснува Марта Басани-Прусик, директорка во Ковачницата на полски пари.
Информацијата дека Полска сега поседува повеќе злато од Европската централна банка (ЕЦБ) не е само симболична. ЕЦБ управува со монетарната политика на еврозоната, но нејзините сопствени резерви на злато се релативно ограничени и товарот на поседување златни прачки е главно кај националните банки на членките.
Златните резерви на Европската централна банка изнесуваат околу 506,5 тони. Полските резерви од 550 тони ја зајакнуваат позицијата на Варшава во европската финансиска архитектура.