Христијанските демократи на партиската конференција за време на викендот едногласно ја прифатија оценката на канцеларот Фридрих Мерц дека мерката „боледувања по телефон“ отвора можност за злоупотреба, со што дополнително се оптоварува економијата на Германија во период на долгогодишна криза.
Како услов за боледување, ЦДУ бара работникот да приложи доказ дека лично посетил лекар или извештај од медицински преглед.
Германија има еден од најдарежливите системи за социјална помош во светот. Работодавците ги покриваат сите надоместоци за боледувања до 41 ден, пред да биде префрлен случајот на осигурителните друштва. Националниот институт за економија проценува дека боледувањата на вработените ги чини бизнисите околу 82 милијарди евра секоја година.
Партијата на Мерц предупредува дека ваквите трошоци не се одржливи во услови на стагнација. Економскиот раст на земјата е речиси непроменет од 2017 година. Бруто-националниот производ во 2025 година се зголеми за 0,3%.
Германските работници земаат просечно 15 дена боледување годишно, што на пример е три пати повеќе во споредба со британските.
Канцеларот Мерц во јануари ги критикуваше Германците дека се мрзливи и дека треба да се угледаат на „трудољубивите Грци“, откако властите во Атина усвоија закон што овозможува продолжување на работното време и на 12 часа на ден. По оваа изјава од владиниот шеф, министерката за здравство нареди ревизија на владината политика за боледувања.
ЦДУ, сепак, не може да ги промени правилата без согласност од социјалдемократите, кои им се клучни партнери во коалицијата. СПД ја оправдува мерката, тврдејќи дека со пријавување болест по телефон се намалува притисокот врз ординациите и се избегнува ризикот од ширење зарази.
Крајно непристојно е отвораат сомневања против вработените што пријавиле дека се болни, како да се криминалци или мрзливци, реагира синдикалниот лидер Јасмин Фахими.
Бизнисмените, пак, ја поддржуваат иницијативата на ЦДУ. Некои компании ангажираат приватни агенции за да ги истражат сомнителните отсуства.
Сè почесто нè контактираат работодавци кои се сомневаат дека некој вработен постојано или подолг период се јавува како болен, а истовремено работи за конкуренција или на приватни проекти, изјави детективот Пол Кац за берлинскиот медиум РББ.