По Трамп, гасовите и не се толку многу штетни

Администрацијата на Трамп ги демонтира строгите регулаторни филтри од оџаците и ауспусите поставени во времето на Бајден и Обама. Се ревидираат десетици мерки и ограничувања за загадување, за кои се тврди дека биле „агенда за уништување на индустријата и бизнисот“. Еколозите реагираат дека поблагите мерки ќе бидат катастрофални за здравјето.

Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА) објави дека ќе укине низа мерки и ќе го ревидира владиниот заклучок дека јаглеродниот диоксид и другите гасови што ја загреваат атмосферата претставуваат закана за здравјето на луѓето.

„Наодот за загрозеност“од 2009 година, изработен откако Врховниот суд ѝ даде право на ЕПА да ги регулира стакленичките гасови, е основа за сите правила за намалување на загадувањето. 

Шефот на ЕПА, Ли Зелдин, објаснува дека наодот создал „агенда што ги задушува индустриите, мобилност и потрошувачкиот избор, а притоа им користи на противниците во странство“.

Го бодеме ножот во срцето на религијата на климатските промени и ја водиме Америка во златна ера, изјави Зелдин.

Цел на иницијативата е „намалување на цената на автомобилите, греењето и бизнисот“. ЕПА ќе ги преразгледа стандардите за загадување од моторни возила, кои Зелдин ги оцени како „режим за уништување на автомобилските компании“ и правилата за загадување од саѓи.

ЕПА објави 31 ревизија што се однесува на речиси секое еколошко правило за чист воздух, вода и клима. Се оспорува планот од времето на претседателот Џо Бајден за намалување на загадувањето од термоцентралите на јаглен. Врховниот суд претходно блокираше уште построг план од администрацијата на Барак Обама.

Екологистите објавија дека преку суд ќе ги бранат научните докази. Таа стратегија им успеа за да запрат ревизии во првиот мандат на Трамп.

Враќањето на овие правила не е само срамно, туку е и закана за сите. Агенцијата целосно се откажа од својата мисија да го заштити здравјето и благосостојбата на Американците, оцени Џина Мекарти, администраторка на ЕПА за време на мандатот на Обама.

Поради сомневања за злоупотреби, Зелдин блокираше грантови од 20 милијарди долари за проекти за надминување климатската криза. Агенцијата веќе ги затвори сите свои канцеларии што се занимаваа со  прашања како „решавање на несразмерниот товар на загадувањето со кој се соочуваат сиромашните луѓе и малцинствата“.

Претседателот Трамп го формираше и Советот за енергетска доминација, кој треба да елиминира регулативи за да ја зајакне индустријата за фосилни горива.

14 март 2025 - 10:36