Пилешки прсти спасија албански криминалец од депортација

Нелегален албански емигрант кој одлежал две години затвор во Британија, победи во долгата правна битка со државата и доби право на постојан престој. Се повикал на Европската конвенција за човекови права и  ја оспорил одлуката за депортирање со бизарен аргумент – неговиот син се навикнал на британските пилешки прсти и не може да се врати во Албанија.

Одлуката за протерување на 39-годишниот Клавис Диша била укината врз основа на тврдењето дека дека депортацијата би претставувала кршење на правата на неговото семејство според Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП).

Неговите адвокати тврделе дека би било „претерано сурово“ за неговиот 11-годишен син да мора да му се придружи на својот татко во Албанија или да остане во Британија без него. Судот ја донесол одлуката да остане, иако Диша бил две години во затвор откако бил фатен со 250.000 фунти, за кои се знае дека се приходи од криминал. Според британските закони, секоја затворска казна над 1 година автоматски налага депортација на странските државјани.

Бизарниот случај на Диша уште лани го привлече вниманието на јавноста како очигледен пример за злоупотреба на Европската конвенција за човекови права и ја поттикна министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд да воведе рестрикции за користењето на Членот 8 од Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на правото на семеен живот. Според новите насоки, судиите треба да ѝ дадат приоритет на јавната безбедност во однос на индивидуалните права на лицето што ја загрозува.

Диша (39) во 2001 година нелегално пристигнал во Британија како малолетник без придружба. Барањето за азил го поднесол под лажно име и со фалсификувани податоци дека бил роден во Југославија. Барањето му било одбиено девет месеци подоцна, со објаснување дека „министерот за внатрешни работи не бил убеден дека има основана закана од прогон“. Диша поднесол жалба и случајот се влечел со години, сè додека во 2005 година не му била дадена дозвола за престој на неопределено време.

Следната година тој се оженил со својата девојка родена во Албанија и имале ќерка и син. Но, во 2017 година Диша бил фатен со 250.000 фунти во кеш, за кои било утврдено дека се пари од криминал и бил осуден на две години затвор. Во тој период му било одземено правото на престој, но одлуката за депортација не била извршена додека не бидат исцрпени правните механизми за жалба.

Во јуни 2024 година, судот пресудил дека тој не треба да биде депортиран „врз основа на човекови права“. Оваа пресуда ја обжалило Министерството за внатрешни работи, по што пресудата била поништена од апелациски суд, со објаснување: „Во одлуката можеме да видиме само еден пример зошто синот не може да оди во Албанија, само затоа што нема да му бидат достапни пилешки прсти од типот што го има во Англија“.

По уште една серија сослушувања што се влечеле цела година, новата пресуда е во полза на Диша поради заклучокот дека неговиот син честопати страдал од анксиозност, се мачи да ги разбере социјалните ситуации и имал тешкотии да ги изрази своите емоции. Судијата го отфрлил тврдењето на Министерството за внатрешни работи дека момчето зборувало албански како мајчин јазик и немало формална дијагноза за аутизам.

Имајќи ги предвид сите докази, сметам дека е во најдобар интерес да остане со своите родители во Обединетото Кралство, единствената земја што ја познава, со непроценливата поддршка што досега ја добил од училиштето, се вели во пресудата.

23 март 2026 - 16:14