Реагирајќи на полициска објава дека сојузниот канцелар Фридрих Мерц и регионалниот Винфрид Кречмар во октомври ќе гостуваат на свеченост во Хејлброн, пензионер од овој град напишал: „Пинокио доаѓа во ХН“ и додал емотикон на човече со долг нос.
Во јануари добил порака од полициското одделение за криминал дека против него е покрената истрага согласно Членот 188 од Кривичниот законик, во врска со „навреда и клевета на политичари што ја отежнува нивната јавна работа“. Човекот објаснувал дека неговиот коментар бил безопасна и духовита критика, но полицијата не ја разбрала шегата. Максималната казна за ова дело е пет години затвор.
Строгите законски одредби во изминатите години поттикнаа германски политичари да ангажираат адвокатски фирми кои со алатки со вештачка интелигенција автоматски ги пребаруваат содржините на социјалните медиуми, препознаваат термини што може да бидат оквалификувани како навреди и поднесуваат тужби пред судови. Конкретниот случај не го почнал Мерц, туку полициската станица во Хејлброн, која има посебно одделение што ги следи коментарите за да открие потенцијална криминална содржина.
Доколку наидеме на криминално однесување во поединечни случаи како дел од следењето на нашите канали на социјалните медиуми, ова ќе биде пријавено на преглед до канцеларијата на јавниот обвинител, изјави портпаролот на полицијата, Андреас Блинд.
Пензионерот се брани дека коментарот не е намерна навреда, па и дека никој политичар не е спомнат по име.
Тоа е двосмислено, симболично и сатирично изразување на мислење во политички контекст, кое е заштитено со слободата на изразување, забележува осомничениот.

Многумина правни експерти застанаа во негова одбрана, истакнувајќи дека изразите како „Пинокио“ не се навреда на честа, туку критика на политичката конзистентност и дека нивното користење е дозволено со Членот 5 од Уставот за заштита на слободата на говорот.
Ова е хистерична лудост, вели професорот Фолкер Боме-Неслер.
Случајот го привлече вниманието и на Вашингтон.
Полициските мерки во Германија не се поттикнати само од негирање на Холокаустот... Нејасните и широки забрани за говорот неизбежно произведуваат остри злоупотреби и застрашувачки ефекти, забележа Сара Роџерс, потсекретарка во Стејт департментот.
Еден од најпознатите случаи на гонење поради навреда во Германија е 64-годишниот пензионер кој ретвитнал порака во која министерот за економија Роберт Хабек бил наречен „идиот“. Баварската полиција изврши рација во куќата на пензионерот и го уапси. Случајот е заведен како „политички мотивирано десничарско злосторство“.
Градежен инженер беше во притвор 30 дена откако не поднесол правилна жалба за казната поради „навреда“ на покраинска премиерка од Социјалдемократската партија. Напишал: „Не треба да им продавате глупости на луѓето“.