Пентагон изгуби висок функционер затоа што САД веќе се поразени од Кина во вештачка интелигенција

Сајбер-безбедноста на САД не е никаков предизвик за Кина и е на „ниво на градинка“, е причината зошто си даде оставка некогашниот шеф за софтвер на американската авијација и човек кој има работено на сајбер-безбедноста на Пентагон, Николас Чаилан.

Чаилан оставката ја дава во септември, но дури сега прв пат разговара со медиумите за тоа. Во својот пост на Линкдин, тој наведува дека причина за напуштањето е што Пентагон се колеба да ја направи сајбер-безбедноста и вештачката интелигенција свој приоритет.

„Нема шанса ни да и конкурираме на Кина во следни 15 до 20 години. Моментално ова е завршена работа, по мое мислење веќе е готово,“ изјавил Чаилан околу капацитетите на САД да и се спротивстават на Кина.

Тој објаснил дека одбраната од сајбер-напади на одредени владини оддели е на „ниво на градинка“.

Дополнително Чаилан порачал дека безбедноста на САД е компромитирана од тоа што Гугл одбива да работи со Пентагон на вештачка интелигенција. Гугл престана да работи со Пентагон во 2018 откако 12 вработени си дадоа отказ заради проектот во кој Гугл му помагаше на Пентагон да направи софтвер за подобрување на прецизноста на дроновите.

За разлика од САД, Чаилан објаснува дека во Кина приватните компании кои работат на вештачка интелигенција се нон-стоп достапни за властите.

Ова што го кажува Чаилан само пофино беше спакувано во извештајот за вештачка интелигенција изработен од  американската Комисија за национална безбедност, во кој пишуваше дека САД „не се подготвени да се одбранат себе си во претстојната ера на вештачка интелигенција.“

Професионалното мислење на Чаилан е дека не е важно што САД троши три пати од Кина на одбрана, бидејќи парите се трошат на погрешни места.

„Уморен сум од постојаното бркање поддршка и пари за да можам да ја работам мојата работа. Мојот оддел се уште нема ниту простории, ниту буџет, ни годинава, ни следната,“ напишал Чаилан во прошталниот пост на Линкдин.

Тој изјавил дека планира да сведочи пред Конгресот околу заканата што доаѓа од Кина.

13 октомври 2021 - 10:42