![Фото: ЕПА](/files/styles/780px/public/vesti/2025/02/10/439333-palestinci-vo-saudiska-arabija-a-evrei-vo-madagaskar.jpg?itok=PLkl_z1O)
„Френсис Фукујама дебело утна кога го најави „крајот на историјата“ и глобалниот триумф на либералните демократии. Она што се случува последниве години а засилено изминатите неколку недели, изгледа како светот да се вратил во 1938 година, на пресвртница што не ветува добро“, пишува Роберт Бајруши во Јутарњи.
Станува збор за идејата на Трамп САД да ја преземат разурнатата Газа и економски да ја развијат ОТКАКО Палестинците ќе бидат преселени на друго место.
Во меѓувреме, и онака налудничавата идеја дополнително ескалираше. Во интервју за израелскиот канал 14, Нетанјаху рече дека Саудијците можат да создадат палестинска држава на своја територија „бидејќи имаат многу земја“.
Трамп имаше замислено да ги пресели Палестинците во Египет и Јордан, но тоа очигледно е премногу блиску за Нетанјаху, па би ги испратил во пустината на Арапскиот Полуостров, каде што ќе можат да градат каква што сакаат држава. Само не онаму каде што е нивната татковина.
А Израел во ова речиси консензуално го поддржува Нетанјаху. Поддршката не изненадува од религиозно-екстремистичката десница но и тамошните лево-либерални политичари, кои не можат да го смислат Нетанјаху, реагираа слично.
Бени Ганц го оцени планот на Трамп за трансфер на палестинското население како „креативен, оригинален и интересен“, а Јаир Лапид изјави дека прес-конференцијата на која бил претставен планот „била добра за Израел“. Дури и Јаир Голан, лидерот на ционистичката левица се задоволи со изјавата дека планот „не е практичен“, но не го отфрли.
„Во Израел изгледа имаат заборавено дека во не така далечното минато нивните предци биле третирани како пречка и - како и денешните Палестинци - требало да бидат превезени илјадници километри од дома. Херман Геринг на 12 ноември 1938 година го предложи Мадагаскар како место каде што европските Евреи треба да се преселат. Нацистичкиот „План Мадагаскар“ предвидуваше преселување на милион Евреи годишно на островот. Во тоа време Мадагаскар беше француска колонија, со тешки услови за живот слични на оние во арапската пустина. Хајнрих Химлер изјавил: „Сакам да видам дека концептот на Евреин целосно исчезнува така што сите Евреи ќе бидат депортирани во Африка или некоја колонија“. Во суштина, колку е ова различно од изјавите на Бенјамин Нетанјаху?“, прашува Бајруши.