Откако Бајден е на власт, на Израел му тргна со рушење

Откако Бајден дојде во Белата куќа, со брзо темпо расте стапката на уништување на имотите во сопственост на Палестинците од страна на Израел на окупираниот Западен Брег. Сега се руши двојно повеќе отколку во времето на Трамп.

Според податоците од Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања на Обединетите нации, по инаугурацијата на Бајден биле срушени над 1.000 објекти на Палестинци. Во тие 13 месеци од тековниот мандат на Бајден, биле расселени и 1.300 лица, повеќето деца.

Во истоветен период од претседателствувањето на Трамп, на Западниот брег биле срушени 379 објекти и расселени близу 600 Палестинци, помалку од половина отколку за време на Бајден и израелскиот премиер Нафтали Бенет.

„Бенет јасно дава до знаење како ја замислува иднината на израелско-палестинските односи. Палестинците да бидат опколени во мали гета а целата земја околу гетата постепено да биде одземена - украдена - за израелски населби“, вели за Интерсепт канадско-палестинската адвокатка Дијана Буту.

Повеќе објекти од 2021 година таму биле срушени само во 2016, кога претседател на САД беше Барак Обама.

Администрацијата на Бајден лани побара стопирање на рушењата но тоа се сведе на парадно барање бидејќи не беше проследено со реален притисок на Вашингтон врз израелските власти.

Ајзенхауер, Форд, Картер, Реган и Буш сениор, претседатели од двете партии, секој од нив во некој момент од својот мандат се имаат закането со намалување или запирање на финансиската и воена помош за Израел, со намера да ја зауздаат нивната политика. Бајден тоа го нема сторено. 

 

2 март 2022 - 18:37