Иако беше свесно за ризикот од жесток американски воен одговор, иранското раководство пред неколку дена не се колебаше да отвори оган врз неколкуте бродови што се обидоа да го преминат Ормускиот проток без да ги почитуваат новите правила наметнати од Техеран.
Нападот го прекина повеќенеделното кревко примирје и отвори нова спирала на насилство. Американците во изминатите два дена погодија повеќе од 170 цели во Иран – главно морнарички бази и чамци со кои Револуционерната гарда ги принудува бродовите да поминат по задолжителната рута. Иран возврати со ракетирање на арапските земји во кои има американски воени бази. И САД и Иран денеска повторно возвратија на меѓусебните напади и се оддалечија од обврската за мировни преговори. Трамп на Самитот на НАТО отворено изјави дека Меморандумот за разбирање повеќе не важи.
Ако и воопшто ѝ се вратат на дипломатијата, нема да се преговара за потенцијалната закана од нуклеарната програма, на што инсистира Израел и која беше главниот повод за војната, туку за последиците од конфликтот – статусот на Ормускиот проток низ кој поминуваше 20% од светскиот извоз на нафта и гас.
Иако нивното инсистирање на задржување на контролата врз пловниот пат носи ризик да прерасне во долгорочен судир со целиот свет, во Техеран речиси и да нема несогласувања околу оваа политика, изјавија за Ројтерс двајца високи ирански извори.
Отворена била дилемата дали Иран можеби претерува со своите потези, но во највисоките кругови надвладеал ставот дека „ниту една рационална земја не би се откажала од толку важен адут“.
Ормускиот проток е златно оружје на Иран и апсолутно е невозможно некој да му го одземе, додава изворот.
Трамп самиот им го остави на Иранците правото да бараат патарина за бродовите. Во Меморандумот за разбирање пишува дека Иран „ќе направи аранжмани користејќи ги своите најдобри напори за безбедно поминување на комерцијални бродови без надомест само 60 дена“.
Иранските преговарачи ја толкуваат таа реченица како признавање од страна на САД на правото на Исламската Република да управува со водниот пат, иако во првите два месеци нема да се наплаќаат такси.
Протокот е и првиот бедем на одбрана на правото на Иран да развива сопствена нуклеарна програма.
Иранците стравуваат дека ако се повлечат од Ормускиот проток, Трамп само ќе ги интензивира своите барања во други области, вклучувајќи го нуклеарното досие и иранските резерви на конвенционални ракети, велат изворите на Ројтерс.
Во краен случај, повлекувањето би можело да биде употребено како адут со кој Техеран би добил други отстапки во преговорите со САД. Во тој случај не би изгубил ништо што го немал пред да почне војната.