Орбан политички го симна човек кој го обожувал

Како момче во Будимпешта, Петер Маѓар држел постер од Виктор Орбан над креветот, во време кога Орбан бил симбол на борбата за демократија по падот на комунизмот. Речиси три децении подоцна, тој стана човекот кој го детронизираше неговиот некогашен политички идол.  

Овој 45-годишен адвокат со години беше дел од владејачката елита. Работел во министерства, дипломатски структури во Брисел и институции блиски до владата, а беше и во брак со поранешната министерка за правда, Јудит Варга. Инсајдер кој во еден момент реши да му сврти грб на системот.

Кога бил по амбасади, го викале „малиот Орбан“, вели дипломат на ЕУ во Брисел.

Пресвртот се случи на почетокот на 2024 година, кога избувна скандалот околу претседателското помилување во случајот со прикривање на сексуална злоупотреба на деца. Скандалот доведе до оставка на тогашната претседателка Каталин Новак, како и на Јудит Варга.

Маѓар тогаш јавно проговори против власта, обвинувајќи ја владејачката Фидес дека „се крие зад сукњи“ и дека е длабоко корумпиран систем. Неговите пораки брзо се проширија низ социјалните мрежи и го погодија нервот на јавноста.

Во март 2024 година, Маѓар ја презема тогаш маргиналната партија Тиса, со што ги избегна бирократските пречки и веднаш влезе на политичката сцена. За само неколку месеци, Тиса постигна резултат што не е виден во модерната унгарска политика - речиси 30 проценти од гласовите на европските избори и силен моментум пред националните избори.

Се дистанцираше од традиционалната опозиција, велејќи дека „нема левица или десница, има само Унгарија“, таргетирајќи ги гласачите разочарани и од владата и од старите опозициски структури.

Важи за исклучително енергичен, автентичен, но и импулсивен политичар кој кампањата ја водеше со неверојатно темпо, држејќи до шест говори дневно, собирајќи илјадници луѓе и разбивајќи ја долгогодишната политичка апатија на гласачкото тело.

Кампањата ја водеше дисциплинирано, избегнувајќи специфични детали што би можеле да станат цел на медиумите блиски до властите.

Клучните ветувања се враќање на демократските институции и владеењето на правото и борба против корупцијата. Претпазлив е и кон Украина но има сличен став на Орбан  - против испраќање оружје и забрзан влез на Киев во ЕУ. За некои прашања, како што е миграцијата, е поцврст и од Орбан.

„Не е светец, ама вака веќе не оди,“ вели за Маѓар еден гласач чие мислење можеби го опишува доминантниот мотив на гласачкото тело да му каже на Орбан дека беше доста.

12 април 2026 - 23:08