Одбивањето бегалци нема да успее

Идејата дека ќе го решите проблемот со тоа што ќе ги вратите бегалците кои ќе ви дојдат на граница никогаш нема да успее, затоа што не е така едноставно, порачува високиот комесар на УНХЦР.

Во разговор за БиБиСи, Филипо Гранди објаснува дека државите мора да им помогнат на "неколкуте земји" што го носат целиот товар, со тоа што ќе го зголемат финансирањето и ќе помогнат во вдомување на бегалците. Минатата година помалку од 1% од 20-те милиони бегалци биле вдомени од друга нација.

Гранди, кој доаѓа на позицијата во јануари годинава, објаснува дека фактот што денес има сириски бегалци во Источна Азија и на Карибите, покажува "колку е ова станато глобален феномен, заради што и е потребен глобален одговор."

"Проблемите за згрижување на бегалците паднаа на грбот на неколку држави кои згрижија стотици илјади бегалци, обично близу војните, близу конфликтите, и неколку донатори кои сами, околу седум или осум, покриваат 80 - 90 проценти од финансирањето," објаснува Гранди.

Негова препорака е дека преселувањето на овие бегалци во други држави "е правецот во кој мора похрабро да се оди," имајќи предвид дека само 200.000 од 20-те милиони бегалци, се преземени од друга држава. Тој признава дека решението ќе бара "многу долга и тешка дискусија," ама:

"Едноставно не може да се дозволи да имаме реакција во која државите ќе ги затвораат своите граници и ќе ги одбиваат луѓето, затоа што тоа нема да успее."

16 мај 2016 - 15:26