Нуклеарно освестен Шолц

Соочен со опасноста од премрзнување на народот и гасење на фабричките погони, германскиот канцелар порача дека продолжувањето на животот на германските нуклеарки всушност има смисла.

 

Изјавата Шолц ја дава пред турбината на Сименс која дреме во погоните на Сименс енерџи во Милхем и чека Газпром да се смилува да ја повлече во Русија и да ја инсталира во Северен тек 1.

Моментално Германија е останата на три помали нуклеарки кои покриваат само мал дел од потрошувачката. За трите се уште важи официјалниот план дека до крајот на година треба да бидат изгасени.

Во Германија во тек е „стрес тест на електричната мрежа,“ кој треба да заврши за неколку седмици и од кој властите „треба да извадат заклучоци“.

Коалициониот партнер на Шолц, Зелената партија, се уште е на тоа дека е против таков продолжување на животниот век на нуклеарките, иако во последно време почна да покажува мали знаци на попуштање.

Планот за гасење на германските нуклеарки го носи владата на Герхард Шредер (1998-2005) и тоа требаше да биде завршено до 2022. Едно време Меркел се размислуваше околу продолжување на рокот до 2037, меѓутоа нуклеарната хаварија во Фукушима ги забрза работите.

Пред Фукушима Германија имаше 17 активни нуклеарни реактори. Најголемиот дел од тие што денес не се активни се целосно демонтирани.

5 август 2022 - 13:54